На нелегалните продавачи на Бит Пазар им дадовме доволно време

Град Скопје нема да отстапи во намерата да ги расчисти тротоарите на Бит-пазар од сите препреки што го оневозможуваат нормалното одвивање на сообраќајот за сите учесници – пешаците, велосипедистите и возачите. Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, уште еднаш нагласи дека со отстранување на нелегалните продавачи на тротоарот на булеварот Крсте Мисирков, кај Бит-пазар, ќе се реши овој долгогодишен проблем. Тој ги повика продавачите кои овие неколку дена ги блокираат улиците да ја прифатат подадената рака и да продолжат да работат во рамките на Бит-пазар користејќи ги поволностите кои им се овозможуваат.

Досега остваривме неколку средби со продавачите на дивопоставените тезги кај Бит-пазар. Од почетокот на февруари годинава постојано сме во контакт и остварувавме средби со претставници на тие продавачи. Делевме и летоци со кои информиравме за придобивките што Градот им ги овозможува на тие продавачи. Имавме и заедничка трибина на која присуствуваа градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од „Скопски пазар“ А.Д Скопје и еснафите од Старата скопска чаршија која се одржа во Занаетчиската комора пред повеќе од еден месец. Овозможивме бесплатни тезги за два месеца за продавачите што ќе влезат во пазарот и ќе продолжат да работат на тие тезги. Овозможуваме сите да бидат еднакви, со еднакви услови за работа на пазарот. Отворено кажувам дека еднакво внимание укажуваме за развој на двете страни на Вардар. Правилата и редот мора да важат насекаде – рече градоначалникот Шилегов.

Шилегов објасни дека станува збор за не повеќе од 30 продавачи на дивопоставени тезги на тротоарот на булеварот Крсте Мисирков, кои имаат поволности да добијат бесплатни тезги на Бит-пазар. Во моментов на Бит-пазар има 130 слободни тезги кои можат да ги добијат овие продавачи.

Не сакаме никого да оставиме без работа или да го спречиме да си ја продава стоката. Затоа предвидуваме транзициски период со бенефиции за да може секој да се снајде. Овој чекор го преземаме со цел да ги вратиме купувачите во чаршијата и на пазарот и да овозможиме полесна пристапност до тезгите и до дуќаните. Воведувањето ред на ова место значи и поголема безбедност и пофункционален град. Јас немам обврска да овозможувам бесплатни тезги за пазарџиите, но имам обврска да ги уредам тротоарите, и да им овозможам на граѓаните пристапност до пазарот. Во моментов постојат нефер услови меѓу продавачите на нелегалните тезги на тротоарот и продавачите во пазарот. Наша обврска е да обезбедиме еднакви услови за сите. Пазарџиите во пазарот и дуќанџиите во чаршијата редовно плаќаат за изнајмување на тезгите и дуќаните, додека продавачите на дивопоставените тезги ем сакаат да имаат ексклузивни места за продажба, ем сакаат да не изнајмат тезги – нагласи Шилегов.

Тој додаде дека светските искуства покажуваат дека слободните и проодни тротоари носат повеќе муштерии и пари за продавачите.

Хаосот на Бит-пазар којшто е долгогодишен проблем мора да се реши. Град Скопје одлучи да го уреди овој дел од градот, а за таа цел на овој потег ќе се реконструираат тротоарите, ќе се постават столпчиња и жардиниери, ќе се уреди такси-станица, ќе се засадат дрвореди, реконструираат и осветлат пасажите од булеварот кон чаршијата и ќе се ослободат тротоарите од дивопоставените тезги. Повторно ќе нагласам дека нашата цел е заедно да изградиме партнерски однос при што никој нема да биде оштетен, ниту трговците, ниту учесниците во сообраќајот. Веруваме дека нашите сограѓани многу брзо ќе ги согледаат придобивките од ваквиот потег и ќе ја поздрават оваа иницијатива за конечно решавање на проблемите со кои повеќе години се соочуваат граѓаните на Скопје на овој потег – рече денеска градоначалникот Шилегов.