Ретка зимска бура го погоди југоистокот на САД во средата и по три децении го побели главниот град на Флорида, додека истовремено жителите на Нова Англија, на североистокот, се подготвуваат за „метеоролошка бомба“ која синоптичарите ја најавуваат за четврток.
Гувернерите на јужните американски сојузни држави од Вирџинија до Флорида го предупредија населението дека може да очекува замрзнати коловози и многу пониски температури од вообичаените за овој период од годината. Гувернерот на Џорџија веќе прогласи вонредна состојба во делови од државата, а во некои подрачја од Јужна Каролина жителите создаваат резерви и ги испразнија продавниците.
Комбинацијата од силен ветер и ниски температури предизвика недостиг од електрична енергија на југоистокот, како и замрзнати патишта со што го отежнува патувањето до работните места на милиони Американци од северот на Флорида од југот на Вирџинија. Дел од училиштата и универзитетите се затворени, а покривите во Талахаси, главниот град на Флорида се забелеа од снег првпат по триесет години.
Истовремено шест сојузни држави во Нова Англија, од Конектикат до Мејн, се подготвуваат за обилни снежни врнежи кои се најавуваат за во четврток. Во Бостон, според прогнозите, се очекува да наврне до 30 сантиметри снег.
Метеоролозите предупредуваат дека снегот ќе паѓа брзо, по неколку сантиметри во час, а бурата ќе ја засили ткн „метеоролошка бомба“. Станува збор за појава којашто првпат ја опиша Фред Сандерс, професор на славниот универзитет MIT во 1980 година, а се случува кога притисокот на воздухот во центарот на бурата во текот на 24 часа ќе падне за најмалку 24 милибари (hPa).