На „Охридско лето“ концерт на македонскиот мешан хор „Про Арс“

Програмата на „Охридско лето“ продолжува со музичкиот дел, со концерт на нашиот хор „Про Арс“ во катедралната црква „Света Софија“.

Професионалниот хор „Про Арс“ е формиран во 2011 година, од страна на Сашо Татарчевски. Уште од почетокот, хорот презентира висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Во својот репертоар овој хор посебен акцент и посветеност дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнување на авторите за пишување нова хорска музика: во соработка со СОКОМ за прв пат во Македонија е организирана работилница за млади композитори кои ги создаваа своите дела во непосреден контакт со ансамблот.

Не ограничувајќи се жанровски, хорот во изминатите три години оствари соработка и со организации и музичари од сферата на популарната музика. Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, музички и вокално образовани хорски уметници, целосно подготвени за ефективна и професионална работа.

Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Има настапувано со голем број ансамбли на повеќе манифестации во Македонија, но и надвор од неа – Португалија, Словенија, Шкотска, Швајцарија, Шпанија, Србија, Франција, Русија и др. Значајни се и неговите учества на семинарите и мајсторските курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин и Фиренца. Во моментов работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што постигнува големи успеси со хорот „Драган Шуплевски“ на ФМУ, а истовремено е и раководител и диригент на професионалниот хор „Про Арс“ на Женскиот младински хор при МКЦ.

На програмата на вечерашниот концерт се композиции на Свиридов, Хаслер, Фалик. Почетокот е предвиден за од 21 часот.