На Oнкологија свесно бил создаден хаос за да може некој да профитира – немало протоколи за лекови и извештаи за третмани, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Обвинителството два месеци молчи за скандалот на клиниката на Онкологија, за кој посведочија и пациенти и медиуми. Обвинителството молчи речиси цел месец откако ВМРО-ДПМНЕ ги обелодени документите за скандалот „Диво Месо“ во кој се гледа како канцер мафијата правела бизнис на грбот на пациентите на Онкологија, како се набавувала скапа терапија на ангро од омилената веледрогерија на власта, а во исто време пациентите сведочат за недостаток, за тоа како свесно бил исклучен КАТО системот кој требало да го контролира трошењето на терапијата, за тоа како се изнесувала терапија без протоколи и истата била аплицирана на други места, за индиции дека терапија завршувала на црниот пазар во земјата и странство итн, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Намерно на клиниката владеел башибозлук за да може во матно да се печали, односно клиниката да тоне во долгови, добавувачите да трупаат добивки, а пациентите и покрај потрошените тешки милиони, пак да трпат за третмани и за терапија. Најдобар пример за системски пропусти и недоследности бележи и самиот извештај од финансиската контрола на клиниката за Онкологија. Тој утврдил дека во недостиг на официјални протоколи, листата со лекови од ФЗОМ не им е доставена на лекарите како насока за препишување. Онкологија имала тендери за лекови без одобрение на Фондот, што само покажува дека се набавувало без систем и без усул се трупале финансиски обврски кон добавувачот. Исто така, на одделот за карцином на дојка не се приложувал специјалистички извештај од „Мој термин“, туку сосема друга форма каде што тешко се следи заболувањето, испитувањата и терапијата. Креиран е тотален хаос, со цел во тој хаос некој да профитира, истакнуваат од партијара.

Ова било невозможно да се случува без знаење на највисоките структури на министерството и власта.

-Сите овие грозоморни информации обвинителството ги имаше на увид и пак ништо не презема, затоа што Јовески се моли кај власта за уставен судија, а пак на Абази на глава буквално му стојат пола партија ДУИ. Ако Обвинителство и власта мислат дека скандалот на Онкологија ќе го забошотат, тогаш се лажат. Овој случај, како и сите други трагедии кои се случија, а беа затворени по принципот „кабелот е крив“, по промената на власта ќе бидат детално истражени и одговорните ќе бидат казнети, се наведува во партиското соопштение.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.