На пензионерите им скратија 10,5 милијарди денари за една година, ги залажуваат со 134 денари

Македонија не памети поголеми политички манипулатори од актуелната власт. Замислете ги убедуваат пензионерите дека им ги зголемувале пензиите! За колку? За 185 денари и уште пострашно оние најзагрозените добиваат плус 134 денари! И тоа се дува на сите нивни фанфари! Ова го изјави портпаролот  на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

-Нема срам кога станува збор за монструозните политичките поени на СДС. Јагода Шахпаска како ниеден министер до сега за труд и социјална политика, ја навреди интелигенцијата на над 310.000 пензионери, со раст на пензии од неполни 200 денари. И тоа во моменти кога речиси 55.000 работници останаа на улица заради блескавата економија на СДС, и на многу семејства пензиите им се единствениот извор за преживување – рече на прес-конференција Стоилковски.

Според него, намалена е  пресметката за пензии со тоа што наместо растот на пензиите да ги следи растот на трошоците за живот и растот на просечната плата,  пензиите да се усогласуваат само по растот на трошоците на живот минатите месеци, па сега всушност пензиите се усогласуваат со цените од пред шест месеци.

– Пресметката вели дека иако е криза просечната плата има некаков раст во Македонија, а согласно тој раст и четирите пресметки, односно усогласувања на пензиите досега, СДС реално на секој пензионер му има скратено во просек 2.800 денари месечно!Ајде тоа да го помножиме по 12 месеци, а потоа по 310.000 пензионери, па трака ќе добиете сума од 10 милијарди 416 милиони денари, или за полесно, речиси 170 милиони евра за една година! Ете толку СДС монструозно им скрати на пензионерите! СДС монструозно на пензионерите им скрати 10,5 милијарди денари за една година, а ги залажува со 134 денари, раст на пензиите – рече Стоилковски.

Стоилковски оцени дека секогаш кога Социјалдемократскиот сојуз се на власт удираат по џебот на граѓаните, особено на пензионерите, и намерно ги туркаат кон сиромаштија.

– Зошто? За наместо реален достоинствен живот, да ги редат пред банките и да ги понижуваат за онаа наводна помош во време на криза! Пензионерите знаат дека тоа не е помош, туку само дел од украдените пари од нив! – рече Стоилковски.