На петтото издание NASA Space Apps Challenge во Македонија победничкиот тим ќе оди на лансирање на ракета во Флорида

Светскиот натпревар NASA Space Apps Challenge ќе се одржи по петти јубилеен пат во Македонија, во партнерство со амбасадата на САД во Република Македонија и телекомуникацискиот оператор Вип, а под покровителство на Претседателот на Република Македонија. Ѓорге Иванов. Настанот ќе се одржи од 28 до 30 април во Скопје во организација на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот и Голдилокс Стејт Фондацијата.

 
Огромна потврда за досегашниот успех и квалитет на решенијата креирани од тимовите од Македонија и на организацискиот тим на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот кој стои зад овој натпревар од почетокот е што оваа година победничкот тим од Македонија директно ќе патува во Kennedy Space Центарот на NASA и ќе има можност да проследи полетување на вселенско летало, но и да го презентира своето решение пред претставници на NASA и комерцијалната вселенска индустрија. Авионските карти за членовите на победничкиот тим се обезедени од традиционалниот партнер на овој натпревар во Македонија – амбасадата на САД.

За наградата од Македонија ќе се натпреваруваат 170 млади програмери, инженери, дизајнери, истражувачи, иноватори и претприемачи кои заеднички ќе работат на креирање решенија за проблемите со кои се соочува Земјата и Вселената, со поддршка и совети од експерти од компаниите поддржувачи на овој настан.

На светско ниво станува збор за најмасовниот интернационален хакатон во светот што се случува истовремено на шест континенти, во 170 градови, со над 15.000 учесници и е под директно водство на NASA која за време на хакатонот ќе им стави на располагање на учесниците отворени податоци од своите истражувања, како и свој тим на експерти со кои учесниците ќе можат да комуницираат за време на натпреварот.

Свеченото отворање е закажано за 28 април во Агенцијата за електронски комуникации, а натпреварот ќе се одржи во ЊуМенс БА на 29 и 30 април.
Предизвиците можат да се погледнат на: https://2017.spaceappschallenge.org/challenges/, а пријавувањето може да се направи на: http://bit.ly/spaceappsmk2017

ЊуМенс БА истовремено го организира овој настан и во Силиконската долина која е прогласена од NASA за една од двете главни сцени на светско ниво поради што учесниците од Македонија ќе можат да соработуваат и со тимовите и експертите од NASA и индустријата и од оваа локација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.