На полноќ истекува рокот за предавање потписи за поддршка на претседателски кандидати во Хрватска

На полноќ истекува рокот за предавање потписи за поддршка на кандидатите за претседателските избори во Хрватска, кои ќе се одржат на 22 декември.

Своите кандидатури со потребни најмалку 10.000 потписи претходно ги предадоа четворица кандидати: на СДП, Зоран Милановиќ, независниот Мислав Колакушиќ, кандидатот на Хрватската партија на сите кајкавци, чакавци и штокавци, Недељко Бабиќ и на ХСЛС, Дејан Ковач.

Својата кандидатура вчера ја предаде Анто Ѓапиќ, а денеска тоа го направија пејачот Мирослав Шкоро, актуелната претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, Дарио Јуричан, Катарина Пеовиќ, Влахо Орепиќ. Иван Пернар предавањето на потписите го најави за денеска во 22 часот.

Бројката од 11 кандидати не мора да биде конечна, имајќи предвид дека желба за претседателската трка изразиле и Анте Симониќ, некогашен потпретседател на ХСС во владата на Рачан и Далија Орешковиќ, поранешна претседателка на Комисијата за одлучување за судир на интереси, како и Ава Карабатиќ, поранешна манекенка и модел.

Доколку нивните кандидатури бидат поддржани со потребните 10.000 потписи, а ДИК ги потврди, тогаш во официјална кампања ќе влезат 14 претседателски кандидати, еден повеќе отколку пред 15 години.

Во последните две децении најмалку кандидати за шеф на државата имало пред пет години, само четворица: Колинда Грабар-Китаровиќ, Иво Јосиповиќ, Иван Вилибор Синчиќ и Милан Кујунџиќ. Во 2009 година биле 12, а во 2000 – девет.

По истекот на рокот денеска на полноќ, Државната изборна комисија има 48 часа, до четврток на полноќ, да ги провери и да ја објави листата со претседателските кандидати, со што и официјално ќе започне изборната кампања.