На полноќ завршува увидот во Избирачкиот список за парламентарните избори

На полноќ завршува јавниот увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори и за пријавување за гласање на македонските државјани што работат и престојуваат во странство.

Преку веб-страната на ДИК,  увид во Избирачкиот список до петокот направиле 27.000 граѓани.

ДИК најдоцна на 4 април го доставува избирачкиот список до политичките партии, кои имаат рок од пет дена до Комисијата да достават барања за запишување, дополнување и бришење на податоци. ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачкиот список најдоцна до 17 април.

Кампањата за предвремените парламентарни избори започнува на 5 април а истите ќе се одржат на 27 април, на вториот круг од изборите за шеф на државата. Поради првиот круг од претседателските избори кампањата ќе биде прекината на 12 и на 13 април.