На повидок конечно решение за „Еурокомпозит“

Владата предложи, а работниците на загубарот „Еурокомпозит“ прифаќаат државата да им ги исплати заостанатите придонеси за околу седум години од речиси два милиона евра, а тоа да биде валоризирано со закон. Инвеститорот е најден кој ќе даде 1,5 милион евра, но со тие пари ќе се занимава за исплата на хипотекарниот долг на компанијата кај Стопанска банка Битола и преку активен стечај да се реорганизира компанијата.
Ова е епилогот од вчерашната средба на работниците прогласени технолошки вишок со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во Владата, а поддршката за решавањето на проблемот ја добија и од претседателот Стево Пендаровски по нивната вчерашна претпладневна средба со него. Ова, сметаат работниците е охрабрувачко за конечно решавање на долгогодишниот проблем со наменската фабрика.
Според Цветан Бунтески од Иницијативниот одбор на работниците прогласени технолошки вишок денеска сите се собраа за да ја дадат согласноста за планот.
„Вчера се случи пресврт во разговорите и во решавањето на нашиот проблем. Прво, во претпладневните часови се сретнавме со претседателот Стево Пендаровски кој ни даде поддршка, без разлика што нема ингеренции, но тоа ни значеше многу. На попладневната средба во Владата се сретнавме со вицепремиерот Кочо Анѓушев и со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески чии заложби многу ни помогнаа, како и со владини претставници. Денеска се собравме со работниците да го прифатиме тој план, да пратиме повратна информација до вицепремиерот за да почне постапката со закон пред Собранието“, рече Бунтески.
Инвеститорот ќе даде околу 1,5 милиони евра, а подмирувањата во банката се околу 1,1 милион евра. Исплатата на придонесите ги опфаќа сите, околу 300 работници, од кои 154 се технолошки вишок, како и и пензионираните и 60-ината кои се се уште вработени во компанијата.
Планот го прифаќаат и тие 60-ина вработени, вели Роберт Богданоски претседател на синдикалната организација на „Еурокомпозит“
Лазар Ангелески, претставник на гранковиот синдикат во СИЕР смета дека работите конечно тргнале на подобро.

„Ова и плаќањето на придонесите со законско решение е единственото решение во интерес на работниците и на фирмата“, вели Ангелески.
Што се однесува до отпремнините за 154-ицата работници прогласени технолошки вишок кои се околу 200.000 евра ќе се разговара со премиерот и вицепремиерот, навестува Пеце Велјаноски од Иницијативниот одбор на работниците прогласени за технолошки вишок.
„Како недокажано висат отпремнините за 154-ицата работници од околу 200.000 евра. Се надеваме дека ќе се најде решение со вицепремиерот и со премиерот Заев со кого деновиве имаме закажано средба. Мислам дека ќе се изнајде решение и еднаш за секогаш да биде затворено ова прашање со „Еурокомпозит, изјави Велјаноски.
Протестите на работниците се ставени во мирување и ќе се чека исходот од договореното.