На повидок нова „Фабрика“: Дење во владиниот пиар, навечер во приватниот маркетинг

Елена Митева до лани ја водеше утринската емисија на телевизијата Телма, за набргу да влезе во нова улога – владина водителка. Со стартот на пандемијата таа снимаше интервјуа со министрите кои се емитуваа во живо на владините социјални мрежи. Од први јануари годинава и формално е вработена како советник на премиерот. За себе вели дека е вистинскиот човек на вистинското место. Но, и покрај ваквиот ангажман кој е уреден со Етички кодекс за вработените во Владата, таа се појави во маркетинг видео и промовираше нови телефони на Самсунг, пишува Ирл.мк.

До пред речиси една година, Елена Митева ја водеше утринската емисија на телевизијата Телма, а повремено работеше и свои приватни тезги, најчесто поврзани со работа на промоции на брендови и разни настани за приватни клиенти. Нејзиното работно искуство вклучува и други проекти на телевизиите како Сител. Првата работа во политика на Митева и беше водителството, кога минатата година среде пандемија владата ја ангажираше хонорарно за да води емисии со министрите во владата. Истите се стримуваа на социјалните мрежи.

Од први јануари годинава, таа стана вработена со полно работно време во Кабинетот на претседателот на Владата Зоран Заев. На страницата на Владата може да се прочита нејзината плата и називот на функцијата: Советник за организација на медиумски настани.

По едвај три недели од нејзиното формално вработување, Елена Митева се појави во сосема друга улога, како промотор на последната генерација телефони на “Самсунг”.

На 20 јануари на официјалната страница на брендот “Самсунг” беше споделено маркетинг видео во кое што Елена Митева ги презентира новите телефони на брендот и ги повика граѓаните следниот ден да гледаат уште едно видео со неа во живо на социјалните мрежи. Таа е претставена како лицето кое ќе не води низ кампањата во Македонија откако новите телефони ќе доживеат глобална промоција една недела порано.

Во телефонски разговор за ИРЛ, Митева се согласи дека нејзината нова функција е во конфликт со работата за Канцеларијата на Претседателот на Влада, но таа тврдеше дека видеото е снимено во ноември, кога во владата имала само хонорарен ангажман. Договорот го склучила со агенцијата “Публицист”, која што минатата година ја ангажирала да работи на дигиталната кампања на брендот. Митева тврди и дека јануарското видео било снимено однапред, во ноември. Веднаш штом ја добила постојаната работа во Кабинетот на премиерот, според нејзините тврдења, таа ја известила маркетинг агенцијата дека видеото не би можело да оди поради конфликтот со новата позиција, а кај своите надлежни во владата пријавила дека имала ваков ангажман.

“Бев запрепастена кога го видов видеото на 21 јануари”, рече таа во разговор со ИРЛ. “Не знам зошто е пуштено, најверојатно некој сака да ми наштети мене лично, а со тоа и на угледот на премиерот и на владата“, тврдеше Митева во долгиот разговор со ИРЛ.

На промотивното видео се преставуваат последните телефони и нивните дизајни, нешто што Самсунг го чува како корпоративна тајна се до големата промоција на уредите пред десетина дена, во јануари годинава. Се запрашавме дали е можно Елена Митева и агенцијата уште во ноември да ги имаат овие деловни податоци за да можат да снимаат видеа однапред. Се обративме до маркетинг агенцијата со цел да ја потврдиме приказната на советничката.

Најава на ФБ профилот на Самсунг за настанот што на 21 јануари е планирано да го води Елена Митева

Одговорот на “Публицист” ја демантира  Елена Митева

Агенцијата вели дека Елена Митева не им најавила дека се откажува ниту дека има нова работа се до 21 јануари, еден ден откако таа се појави во најавното видео за брендот за да информира дека следниот ден ќе води настан во живо со експерти за уредите. Според нив, таа прифатила да се појави и следниот ден, на 21 јануари, за да го модерира настанот. Повикот на Митева до агенцијата дошол тогаш, по прашањата на ИРЛ испратени во Владата, за што тие морале да бараат друг водител.

„Би сакале да Ве информираме дека за потреби на наш клиент, и онлајн настан кој се случи вчера, имавме организирано снимање на најавно видео со Елена Митева, која требаше да биде и модератор на настанот. Тоа видео откако беше завршено, беше постирано и објавено на социјалните мрежи, а веќе следниот ден по неговото постирање, Елена не инфомираше дека го откажува настанот. За нашиот настан ние ангажиравме нов водител, Но и покрај тоа во меѓувреме постови од видеото со Елена можеа да се видат на социјалните мрежи, иако ние веќе имавме нов водител“, ни изјавија од Публицис.

Владата во одбрана за Елена 

Во одбрана на Митева излезе и владата, од каде добивме одговор дека биле информирани за претходните ангажмани на Митева, пред да стапи во редовен работен однос.

„Советничката Елена Митева ги информираше своите претпоставени за личен професионален ангажман реализиран на крајот на минатата година, кој во јавноста се емитува одложено овие денови и заеднички беше констатирано дека истиот е реализиран пред нејзиното ангажирање како советник во кабинетот на премиерот и дека тој нејзин претходен ангажман никако не влијае врз исполнувањето на професионалните работни обврски кои таа ги реализира за Владата“, беше одговорот што стигна од владата.

Љупчо Николовски молчи за Етичкиот кодекс на вработните во Владта

ИРЛ испрати прашања и до вицепремиерот Љупчо Николовски во чија што функција е опишан уште еден аспект од неговиот широк мандат: Тој е задолжен за почитување на Етичкиот кодекс на вработените во владата. Го прашавме дали на Митева и’ е дозволено да има приватни ангажмани и дали постојат процедури во кои што се одредува што е дозволено и што е примерно однесување на владините службеници во кабинетот на премиерот. Тој не одговори.

„Вистинскиот човек, на вистинското место“

Видеото повеќе не постои и е избришано од фејсбукот профилот на Самсунг.

Поранешната ТВ водителка соработката со владата ја започна во март минатата година, кога за прв пат се појави и во улога на водител на емисија за КОВИД 19 во организација на владата. Тогаш беше хонорарно вработена како ПР акаунт и модератор. Претходно 20 години беше тв водителка и вели дека решила да прифати нови предизвик во кариерата. За себе вели дека сега е „вистинскиот човек, на вистинското место“.

Кога ја прашавме како била хонорарно ангажирана во владата и дали за нејзината работна позиција имало распишано оглас, таа ни изјави дека веројатно имало оглас, но таа не го видела.

„Ми се јавија пријатели и ми рекоа прати твоја биографија на одредени е-маил адреси во владата. Јас испратив и бев повикана на интервју со Националниот координатор  Марјан Забрчанец“, вели Митева.

Била избрана за работната позиција. A, oд јануари доби унапредување и му стана советник на премиерот. Речиси истовремено, трансфер од медиумите во политиката направи и нејзиниот колега и ко-водител на утринската емисија во Телма Гоце Андреевски кој што стана портпарол на Министерството за внатрешни работи.

Во Канцеларијата на Заев се вработени 65 лица. Од нив 30 се советници, 11 се државни советници. Премиерот има неколку соработници кои се надлежни за медиуми. Има Советник за организација на прес активности, Советник за дигитални комуникации, Советник за организација на протоколарни активности, соработник за односи со медиуми, а Митева ја доби позицијата Советник за организација на медиумски активности.