На површината на Месечината откриена замрзната вода

Научниците откриле дефинитивни докази коишто потврдуваат присутност на замната вода на површината на Месечината, се наведува во статијата објавена во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS).

За ова откритие заслужна е индиската мисија на Месечината „Chandrayaan-1“, чиишто инструменти го истражуваа природниот сателит на Земјата во периодот меѓу 2008 и 2009 година.

Талозите со мраз се пронајдени на северниот и на јужниот пол од Месечината, и најверојатно имаат древно потекло, сметаат научниците. Распоредот на талозите мраз не е еднаков. На јужниот пол повеќето од мразот е концентриран во кратерите, додека на северниот пол мразот е поредок со поголема распространетост.

Индиската мисија користела уред за мапирање на минералите наречен М3 и идентификувала три спефицичности на мразот на површината на Месечината. М3 не ја бележел само рефлексијата на мразот, туку директно го измерил начинот на кој молекулите на мразот ја апсорбираат инфрацрвената светлина. Тоа значи дека може да се забележат разлики меѓу агрегатните состојби.

Температурите на Месечината во текот на денот може да достигнат и до 100 Целзиусови степени, поради што на сателитот условите за површински мраз не се поволни. Меѓутоа, искосувањето на Месечевата оска изнесува 1,54 степени, па на половите постојат места без дневна светлина.

Научниците проценуваат дека температурата во трајно затемнетите кратери на Месечевите полови не надминува минус 157 Целзиусови степени, што низ долг период доведува до создавање постојани наслаги од мраз.

Резултатите од мисијата ги поткрепуваат поранешните индиректни детекции на површински мраз на јужниот пол на Месечината. Меѓутоа, овие реултати нужно не ја докажуваа присутноста на мразот.

Доколку постои доволно мраз на површината, во неколкуте први милиметри од почвата, водата би можела да биде достапна како ресурс за идните човекови мисии на Месечината. Површински мраз е откриени и на други тела во Сончевиот систем, на пример на северниот пол на Меркур и на џуџестата планета Церес (Церера).