Најпознатиот египетски затвореник од утре го заострува штрајкот со глад

Најпознатиот затвореник во Египет, Ала Абдел Фатах, кој штрајкува со глад веќе шест месеци, утре ќе престане да внесува калории, а од 6 ноември, кога во Шарм ел – шеик почнува Конференцијата на ОН за климата (COP27) нема да пие ни вода, изјави денеска сестрата на затвореникот, кој беше една од централните фигури на револуцијата во Египет во 2011 година.

„Ала од утре ќе престане да јаде калории, а од 6 ноември, кога ќе се отвори COP27, ќе престане да пие вода, и ако ништо не се преземе, тој ќе умре“, напиша на Твитер неговата сестра Мона Сеиф, активист за човекови права во Египет.

Абдел Фатах, осуден на крајот на 2021 година на пет години затвор за „ширење дезинформации“, беше централна фигура во народниот бунт што го собори тогашниот претседател Хосни Мубарак во 2011 година.

Затвореникот, омразена личност на актуелниот претседател Абдел Фатах ел Сиси, шест месеци внесува по само 100 калории дневно, односно лажица мед и малку млеко со чај, велат неговите роднини. Неговата сестра изјави дека е многу слаб и изгледа како скелет.

Египет е редовно критикуван за непочитување на човековите права.

Абдел Фатах е египетско-британски блогер, софтвер девелопер и политички активист. Тој беше активен во развојот на верзии на софтвер и платформи на арапски јазик. Абдел Фатах беше затворен во Египет за наводно организирање политички протест без добиено одобрение, но беше ослободен со кауција на 23 март 2014 година. Потоа беше повторно уапсен и беше наредено повторно да биде ослободен со кауција на 15 септември 2014 година, а потоа во отсуство беше осуден на еден месец затвор, а доби петгодишна затворска казна во февруари 2015 година, од која беше ослободен кон крајот на март 2019 година. Абдел Фатах беше условно ослободен со барање во текот на пет години да минува во полициска станица 12 часа дневно, од вечер до утро. На 29 септември, за време на египетските протести во 2019 година, тој беше уапсен од Агенцијата за национална безбедност и одведен во Обвинителството за државна безбедност под обвиненија кои беа непознати до 29 септември 2019 година. Тој потоа беше осуден за „ширење лажни вести“ и осуден на пет годин затвор. Во април 2022 година почна штрајк со глад.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.