Најмалку 13 лица ќе се вработат во кабинетот на премиерот според новиот оглас кој Владата го распиша денеска, а ќе трае се до 14 јули оваа година.
Според најновите огласи, кој ги претстави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, во Канцеларијата на премиерот за првиот потребни се лица на раководни и нераководни позиции, а додека пак за вториот негови советници во 13 области.
„За првиот оглас кој се однесува на лица за раководни и нераководни позиции потребни се лица во секторите за странски инвестиции, поддршка на домашната економија, протокол, право и човечки ресурси. Сите кандидати задолжително треба да имаат познавање на англискиот јазик, а втор јазик се смета за предност. Исто така, потребен е и факултетски просек од минимум 8,5“, рече Ѓорѓиев.
Тој додаде и дека е потребно да се има работно искуство и тоа за странски инвестиции, човечки ресурси и поддршка на домашната економија од по 5 години, за протокол 3 години, а додека пак за право 10 години.
„За вториот оглас во кој се бараат советници на премиерот потребни се 13 лица од различни сектори. Тие ќе се бираат, покрај основните услови, и според личните способности, вештини, познавање на странски јазици, идеи, визии… Целта за распишување на овој оглас е да се прошири човечкиот потенцијал со кој се располага бидејќи знаејќи ја обемноста на програмата ќе ни биде потребен дополнителен човечки кадар“, рече Ѓорѓиев.
Во врска со претходниот оглас кој го распиша Владата во кој се бараа лица за раководни позиции, Ѓорѓиев истакна дека интересот е голем, досега аплицирале 942 кандидати и апелираше до оние кои сметаат дека имаат квалитети да аплицираат пред огласот за заврши на 30 јуни.
Ѓорѓиев на крај најави и дека во склоп на претходниот оглас, отворено е ново амбасадорско место во Бразил и за истото може да се аплицира до 14 јули.
На крај, Ѓорѓиев потенцираше дека за новите два огласи, аплицирањето ќе биде единствено по електронски пат.