На протестот за продолжување на породилното отсуство во Битола: Здравјето на бебињата пред се

Има бебиња со мала родилна тежина кои не ги примиле потребните вакцини согласно возраста, а сега ќе треба да ги пуштиме во градинка во услови кога демне пандемија со Kовид-19, реагираа дел од родителите кои денес излегоа на протест во Битола по владината одлука да прекине продолженото породилно отсуство и и да се вратат на работа од 23 септември.

„Бебињата треба да достигнат одредена тежина за да примат вакцина. За прием во градинка ни бараат листа пополнета со примени вакцини. Моето дете е една година и ги нема примено потребните вакцини. Со глед на тоа дека првата вакцина ја одложивме, потоа требаше да се боцне во јануари кога имаше сезонски вирус, па одложија за март и тогаш започна пандемијата со ковид-19. Ја немаме потребната тежина за да ја прими вакцината ММР (сипаница, заушки, рубеола), има само седум и пол килограми, а мора да ја има примено за да оди во градинка“, вели мајка од Битола.

Родителите реагираа дека прво беше кажано оти породилното отсуство ќе им биде продолжено до крајот на годината, а сега дека на 23 септември ќе мора да се вратат на работа. За толку краток период немаат време да ги запишат децата во градинка.  Предлогот породилното да се продолжи до 31 декември беше на Комисијата за заразни болести, но Владата не го прифати.

Мајките побараа да се промени одлуката за нивно враќање на работа и да не се изложуваат на ризици бебињата кои уште не го стекнале потребниот имунитет. Повеќето од нив имаат бебиња на возраст од околу една година.