На Република Македонија и се потребни избори за да се спречи уривањето на темелите на државата

Александар Велјановски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Обвинителството мора да служи на правдата, а не на власта. Наместо владеење на правото, тука функционира принципот на неказнивост за приврзаниците на власта. Сметам дека Зоран Заев е исплашен дека доколку ја загуби контролата над обвинителството тој и неговите соработници ќе бидат веднаш предмет на процесуирање на сите пријави кои досега обвинителите Рускоска-Јовевски ги држат во фиока, вели Велјановски во интервјуто.

1. Во јавноста има информации за многу случаи, скандали, но малку разрешници. Зошто?

Со жалење морам да констатирам дека во Република Македонија е прегазено владеењето на правото и правната држава. Имаме безброј аргументи да веруваме дека судии и обвинители се директни извршители на политички нарачани обвиненија и пресуди со кои се врши хајка и прогон на политичките неистомисленици на власта. Најновиот мега коруптивен скандал „Рекет” е уште еден показател дека обвинителството нема намера брзо и ефикасно да се справи со високата корупција па така до денес за ова кривично дело има само двајца обвинети. Тука се поставува прашањето зошто не се одредува мерка притвор за специјалниот обвинител Катица Јанева, и зошто и се дозволува да остане на работното место каде што може да влијае на сведоци и да уништува (форматира) докази, и на кого од власта му одговара ова минирање на истражната постапка. Да не го заборавиме и скандалот „Леонардо“ со аудио снимката со генералниот секретар на Владата на која се слуша како се влијае и фаворизира во постапка за добивање на тендер од милионски износ.

Во исто време кога се работи за партиски функционери на опозицијата обвинителите Русковска-Јовевски немаат проблем да бараат притвор кој штоведнаш се одобрува од страна на судот. Токму затоа во последно време се погласни се пораките од страна на меѓународните претставници дека добивањето на датум за преговори на Република Македонија е под знак прашање поради високата корупција во извршната власт и политичките влијанија врз судот и обвинителството.

2. Како се да се врти околу законот за јавно обвинителство. Според вас дали власта има слух за предлозите на опозицијата?

Никој не смее да биде над  законот.  Обвинителството мора да служи на правдата, а не на власта. Наместо владеење на правото, тука функционира принципот на неказнивост за приврзаниците на власта. Сметам дека Зоран Заев е исплашен дека доколку ја загуби контролата над обвинителството тој и неговите соработници ќе бидат веднаш предмет на процесуирање на сите пријави кои досега обвинителите Рускоска-Јовевски ги држат во фиока. ВМРО -ДПМНЕ како сериозна политичка партија е согласна да се донесе нов закон за јавно обвинителството. Но, за жал специјалното јавно обвинителство се покажа како дувло на корупција и непотизам и како такво не смее да продолжи со работа. Ја користам оваа прилика уште еднаш да го повикам обвинителството итно да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на правото и правната држава а особено по обелоденувањето на поврзаноста на Катица Јанева со Боки 13 и високи функционери на СДСМ. За да ја вратиме изгубената доверба на граѓаните во судот и обвинителството ние излеговме со конкретни предлози, а наскоро и со нов предлог закон во кој се предвидува рамноправност на сите јавни обвинители, зголемена финансиска независност за обвинителството но и зајакнат систем на проверка и одговорност за досегашните и идните обвинители. Да веруваме дека СДСМ како апсолутна власт во Република Македонија ќе ги поддржи нашите предлози за поефикасно и правично јавно обвинителство.

3. ВМРО-ДПМНЕ предупреди за можните малверзации во врска со изградбата на нов клинички. Што велите вие?

Треба на вистината да и погледнеме во очи. Здравствениот систем е во колапс. Министерот Филипче се покажува како недостоен за оваа висока функција. Трета година од мандатот на оваа неспособна влада Република Македонија се соочува со најниско ниво на реализација на капиталните инвестиции и највисока стапка на задолженост. Се сеќавате дека по превземањето на власта новата влада на СДСМ веднаш ја поништи постапката за изградба на нов клинички центар на местото на сегашниот, проект кој беше неколку пати поекономичен и пореален од сегашниот кој ќе ги задолжи граѓаните за петстотини милиони евра на почеток, а доколку дојде до реализација, по десет години со анекс договори и камати многу повеќе. Сметам дека ваква скапа авантура е непотребна и дека фокусот на владата треба да биде на задржување на здравствените работници во Македонија и покачување на нивните плати.

4. Колку предвремени парламентарни избори ќе ја подобрат ситуацијата во Македонија?

Предвремени парламентарни избори се неопходни. Владата го губи легитимитетот со секојдневните порази на сите полиња а особено во економијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. На Република Македонија и се потребни избори затоа што ова уривање на темелите на државата мора да се спречи. Република Македонија како никогаш досега е понижена во очите на Македонците, соседите и светот. На Македонија и е потребна нова влада која ќе го спречи понатамошното систематско уништување и деградирање на државата и ќе овозможи брза интеграција во Европската унија.