На рочиштето за случајот „Монструм“ презентирани СМС пораки и транскрипти на функционерите на ДУИ

Али Ахмети и Џељал Бајрами си разменувале СМС пораки за петкратното убиство кај Смилковското езеро во 2012 година. Лидерот на ДУИ, неколку дена по убиството го прашувал сегашниот обвинител, а тогашен заменик министер за полиција Бајрами, каква е состојбата по грозоморниот чин кога беа убиени четири момчиња и еден рибар.

„Чекаме претседателе. Јасно се гледа дека биле професионалци. И на премиерот му кажав. Не се случило вака да егзекутираат деца од зад грб. Ова го немаше ниту во војната во 2001 година. Ако некој сакал дестабилизација ќе нападнел полициска станица. Ова мене ми наликува на сцена од војната во поранешна Југославија. Професионалци се, не оставиле никакви траги, освен траги од гуми од автомобилот“, пишува во СМС порака од Бајрами до Ахмети.

Ахмети прашува и дали има биолошки траги во автомобилот со кој се возеле убијците. Бајрами му одговара. „Најдени се две траги внатре, но не одговараат на оние кои досега биле испрашани“.

Речиси еден месец по петкратното убиство, одноно на 9-ти мај 2012 година, актуелниот вицепремиерт за европски прашања Бујар Османи му се јавува на апртискиот лидер Али Ахмети и го известува дека ќе оди во посета на едно семејство, а од контекстот се распознава дека станува збор за семејството на тогашниот загрозен сведок Хаки Азири, кој потоа се предомисли и стана обвинет.

Осамани: „Ќе одам кај татко му на овој“, кусо му вели Османи на Ахмети. Ахмети го советува да не открива многу детали, односно дека се заинтересирале и разбрале дека е добар. „Ќе кажеш дека сме разбрале дека е добар. Како што ни кажале на нас, така и на вас“, вели Ахмети.

По средбата му се јавува Османи и го информира дека бил кај човекот и седел два часа, а Ахмети го прашува како поминал? Тој не кажува многу детали, само дека човекот барал помош. На истата тема со Ахмети зборува и тогашниот министер и генерален секретар на ДУИ, Абдулаќим Адеми кој му кажува дека се видел со Османи и дека добро поминале кај фамилијата. Ахмети го спомнува земјиштето кај Смилковското езеро, односно вели: „Таа работа со земјата е интересна“, на што од сопартијците добива одговор дека таму некој сакал да прави ресторан за риби.

Лидерот на ДУИ комуницира и со сопартиецот Сафет Незири, од кој бара информации за профилот на осомничените за петкратното убиство, се распашува кои се, од каде, дали имаат криминално досие и слично. Ахмети го прашува и дали некој од убиените деца имаат роднина вработен во МВР, по што добива одговор дека само едно од децата, и тоа далечен роднина.

Ахмети разговара и со Артан Груби, кој го известува шефот дека ќе патува за Косово, каде што ќе се обидел да ја амортизира ситуацијата. Ахмети, пак вели дека ги компромитираат сите светски весници, кои оделе на тезата дека станува збор за исламистичко движење.

Наредното рочиште за „Монструм“ е закажано за 4 ноември, кога ќе проолжи презентацијата на СМС пораки и транскрипти.

Во судница се прочита и разговор на обвинетиот Алил Демири со непознато лице кое било следено со посебни истражни мерки, во кој зборуваат за месо. Во првичната постапка кога обвинението го застапуваше обвинителката Гордана Гешковска за овој разговор обвинителството тврдеше дека е шифриран и дека всушност зборувале за едно од момчињата.

С: Да не те боли желудникот? Демири: Ме удри мрсното во глава? С: Јадеше нешто?
Демири: Батакот ми се погоди мрсен и го оставив до пола“

Токму овој разговор беше дел од првата пресуда за „Монструм“. Тогаш обвинителот објаснуваше дека станува збор за шифрирана порака – батакот бил едно од момчињата, кого Демири требало да го убие ама не можел да го докрајчи. За „Монструм“ треба да се прочитаат околу 133 илјади транскрипти од СМС пораки и разговори.

За убиството на четирите момчиња и рибарот во повторената постапка им се суди на Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири. За првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се бара екстрадиција од Косово, а косовскиот министер за внатрешни Екрем Мустафа пред неколку дена изјави дека тоа ќе се случи откако ќе завршат процедурите во тамошното Министерство за правда.

Ова е ново судење за овој случај откако лани Врховниот суд ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО. Сега предметот пак е во редовното обвинителство но го застапуваат поранешните специјални обвинители, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.