На што најчесто се жалат потрошувачите во земјава?

Во последните неколку години потрошувачите се’ повеќе решаваат да се пожалат доколку се незадоволни и сметаат дека се обесправени кога станува збор за купување на најразлични производи, беше, меѓудругото, истакнато на одбележувањето на 15-ти март Светскиот ден на потрошувачите.

Најчесто поплаките одат „на адреса“ за несоодветно истакната цена, немање декларација или гаранција, наводни сезонски намалувања, неиздавање на фискални сметки. Потрошувачите им забележуваат на производите со скриен недостаток, неисполнување на условите од страна на туристичките агенции за време на зимските и летните одмори.

Според Марјана Лончар Велкова, од Организацијата на потрошувачи на Македонија, граѓаните најмногу се жалат на услугите од мобилната и фиксната телефонија.

Неквалитетните телекомуникациски услуги, паѓањето или прекините на мрежата, продолжување договори без претходно консултирање со корисникот, задоцнети сметки или испраќање застарени долгови, наплатување услуги кои не ги барале, неразбирливи наградни игри, се најчестите поплаки кои стигнуваат до Организацијата на потрошувачи.

Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека лани биле спроведени 2.734 редовни, 524 контролни и 944 вонредни надзори, а по сите претставки во целост постапиле

Трендот зза зголемување на претставки го забележуваат и во Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Од 2010 година расте бројот на претставки што покажува дека се унапредени политиките за заштита на потрошувачите, но е подигната и јавната свест“, истакна Ката Стојановска од АХВ, која нагласи дека купувачите бараат безбедни производи.

Во текот на минатата година голем број македонски фирми потпишаа Кодекс за добра пракса, со цел подобрување на конкуренцијата и заштита на правата на потрошувачите.