На следното рочиште за „27 април“ ќе сведочи и Талат Џафери

Судењето за организаторите на настаните од 27 април 2017 година во Собранието, продолжува на 18 септември откако на денешното рочиште беа сослушани седум поранешни пратеници.

На предлог на одбраната, на следното рочиште треба да бидат сослушани осум пратеници од поранешниот состав, меѓу кои и Талат Џафери. Џафери и во минатиот и во сегашниот пратенички состав е претседател на Собранието.

И на денешното рочиште сведочеа на поранешни пратеници. Тие беа повикани како сведоци на предлог на одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски.

Поранешната пратеничка Лилјана Кузмановска, вели дека на 27 април 2017 седницата завршила во 18 часот и била закажана за наредниот ден во 11 часот.

„Во 18 часот, кога настана избор на претседател во Собранието, ние пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се повлековме и само скандиравме, изјави Кузмановска.

Прашана, дали во пратеничката група имале сознанија за некаков план воопшто за насилства, Кузмановска рече дека во тој момент тие како пратеници не знаеле дека ќе се случи тоа што се случи.

На денешното рочиште, на предлог на одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, беа сослушани и други поранешни пратеници.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.