На сметките за струја ќе се заштедат 300 милиони евра за загуби, тврди Бислимовски

Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, во емисијата „Студио 10“ утрово на ТВ24 рече дека најавеното минимално зголемување на цената за домаќинствата и значителното намалување за малите потрошувачи за 2023 се должи на тоа што следната година ЕСМ ќе ги плаќа загубите на електрична енергија.

Според Бислимовски, следната година наместо ЕВН Дистрибуција, електричната енергија за загуби во мрежата ќе ја набавува ЕСМ за помала сума, но не спомена како ќе се „заштедат 300 милиони евра“

– На ЕСМ му е дадена обврска да обезбеди електрична енергија за технички загуби. ЕВН Дистрибуција бараше 300 евра за мегаватчас да се наплаќа од сметките. Сепак, ЕСМ за 2023 ќе испорачува електрична енергија  за 110 евра за мегаватчас за загуби во мрежата, а на МЕПСО за 220 евра за загуби и тоа влијае на годишно ниво за заштеда од 300 милиони евра, рече Бислимовски.

Во делот на мрежарината, Бислимовски додаде дека намалување кај сметките ќе биде за 8,66 отсто за пренос, а за дистрибуција 20 проценти помалку.

За зголемената производствена цена на ЕСМ од 56 евра по мегаватчас на струјата која ќе му се испорачува на ЕВН Хоме  , тој додаде дека и понатаму е ниска и ќе ги покрива 100 отсто од потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, но и дека тука е државниот буџет кој ќе го покрива останатиот дел.

– За сметка од 3000 денари, со вообичаена прераспределба, трошокот би се намалил за 2,7 – 2,8 проценти, но вкупниот со зголемувањето на ДДВ од 5 на 10 отсто, тој ќе се зголеми за 2 проценти, објасни Бислимовски.