Најсмртоносен ден од коронавирусот во австралиска Викторија

Сојузната австралиска држава Викторија, втората според населенoста во земјата, во неделата извести за вториот најсмртоносен ден од почетокот на епидмијата на коронавирусот со 17 жртви.

Викторија е жариште на вториот бран на коронаинфекцијата во Австралија. Оваа сојузна држава во последните 24 часа регистрирала 394 нови случаи на зараза со коронавирусот. Минатата седмица во просек беа пријавувани меѓу 400 и 500 нови случаи. Бројот на починатите во Викторија, со последниот податок, се зголеми на 210 лица.

Повеќето случаи во Австралија, каде што се потврдени над 21.000 случаи на зараза и 295 смртни исходи, се однесуваат токму на оваа сојузна дражва. Најмногу заразени има во Мелбурн, најголемиот град во Викторија.

Властите на Викторија поради тоа воведоа полициски час, го ограничија движењето на населението, но ситуацијата и натаму е сериозна бидејќи расте бројот на случаите за кои не се знае изворот на заразата, изјави премиерот на сојузната дражава, Даниел Еднрјуз. Во последните 24 часа биле регистрирани 174 такви случаи, додека претходниот ден 130.

„Големите бројки во познатите и контролирани избувнувања на заразата до одредено ниво се помалку значајни отколку помалиот број случаи во кои не можеме да ги откриеме околностите или потеклото на заразата. Овие се оние кои се особено предизвикувачки од перспектива на сузбувањето на ширењето на заразата“, изјави Ендрјуз.

Таканаречениот „репродукциски број“ на ширењето на заразата во Викторија во моментов е близу 1, што значи дека секое заразено лице го пренесува вирусот на уште најмалку едно лице.

„Мораме да го намалиме овој показател, односно секое трето или четврто лица кое е заразено да го пренесе вирусот на некој друг. Тогаш ќе видиме дека бројките двојно се намалуваат и со нив полесно се управува“, порача премиерот Ендрјуз.

Полицијата во Викторија претходно во неделата во Мелбурн го спречи планираниот протест против носењето маски наречен „Ден на славење на слободата“, апсејќи седум лица и казнувајќи уште 27 други.

Соседната сојузна држава Нов Јужен Велс, која е најселната држава во Австралија, во неделата регистрирала 10 нови случаи на заразата, а властите наредија учениците во две државни училишта да заминат во самоизолација. Другите шест австралиски сојузни држави во неделата не регистрирале нови случаи на коронавирусот.