На Собранието не му се брза, автентичнот толкување за помилувањата по 11-ти декември

Одлуката за барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување Собранието ќе носи по 11-ти декември. Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели дека оваа точка на дневен ред на пленарна седница ќе може да биде ставен откако ќе заврши расправата по буџетот дури и ако претходно има предлог одлука на Законодавно правната комисија.

Џафери денеска најави дека барањето за толкување ќе го испрати до Владата за мислење како и до претседателката на комисијата.

Собранискиот спикер вели ги следи изјавите во однос на автентичнот толкување и притисокото што се создава за што поскора одлука. Но, дециден е дека итна седница за автентичното толкување нема да свикува.

СДСМ инсистираат на поддршка од сите пратеници за нивното барање, но засега немаат отворена и бланко поддршка од ниту една од парламентарните партии. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека ќе ја поддржат иницијативата доколку социјалдемократите се согласат во истовреме да се донесе и закон со којшто ќе се забрани амнестирање на политичари, а на оние кои досега биле амнестирани да не им биде дозволено повеќе да се занимаваат со политика. Но, од власта засега нема одговор.

„Само ќе констатирам дека поминуваат точно 24 часа од последниот мој јавен настап каде отворено побарав од Заев и власта да се согласат да овозможиме законски измени со кои политичари кои биле амнестирани нема да може да се занимаваат со политика, и да не може да се амнестираат луѓе кои обавувале јавна функција и имале политичка позиција, а кои се огрешиле со законот. Само ќе нагласам дека Заев кого вчера го видовме на снимено видео обраќање од кое чувме како се колне во правдата, и со оглед на тоа колку ревносно ја креваа измамата со амнестијата изминатите денови, денес наспроти сето ова ќе констатирам дека има молк и се уште ги немаат прифатено овие наши барања. Сето ова укажува дека амнестијата како пракса станува посакувана опција за веќе еднаш амнестираниот Заев и неговите луѓе“, рече денеска лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од ДУИ пак порачаа дека е дојдено време кога политиката треба се’ помалку да се меша во судството.

„Останува тоа прашање да се дебатира во Собранието како и во Уставен суд. Лично сметам дека е дојдено време политиката што помалку да се меша во судството и судството што помалку да се меша во политиката и сите да си ја вршат својата работа согласно Уставот и согласно законот. Сметам дека треба да има одговорност за сите тие што згрешиле по законот“, изјави пратеникот Артан Груби од ДУИ по попладневниот состанок на Централното претседателство на партијата во Мала Речица.

Алијанса за Албанците и БЕСА во потегот на СДСМ, но и одлуката на Уставниот суд гледаат предизборна политичка игра и обид за дефокусирање на јавноста од актуелните афери за кои на одговорност се повикуваат владејачките структури.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.