Најстарите познати фармерки на светот од 1857-та продадени за 114.000 долари

Чифт машки фармерки за коишто американската аукциска куќа Holabird Western Americana Collections верува дека би можело да бидат најстарите на светот, продадени се неодамна на наддавање за 114.000 американски долари.

Панталоните од џинс (деним) платно пронајдени се во ковчег во остатоци од брод кој потонал во бродолом во 1857 година, недалеку од брегот на денешната сојузна американска држава Северна Каролина.

Имаат шлиц со пет копчиња и се верува дека му припаѓале на некој рудар. Откриени се заедно со уште 270 предмети од периодот на златната треска, од кои дел е продаден на наддавање во Рено на 3-ти декември за речиси милион долари, објави аукциската куќа Holabird Western Americana Collections.

„Овие рударски фармерки се како првото знаме на Месечината, историски момент во историјата“, изјави Двајт Менли, извршен партнер на „California Gold Marketing Group“, компанија во чијашто сопственост се предметите.

Сите предмети потекнуваат од остатоците на потонатиот пароброд „Central America“, долг 85 метри кои превезувал патници од Централна Америка до источниот брег на сегашните САД во текот на 1850-те години.

Бродот потонал во текот на ураган од втора категорија во септември 1857 година, при што загинале 425 од 578 патници и членови на екипажот. Со патниците потонале и околу 21 тона златници и други предмети кои сега се сметаат како артефакти, а остатоците се откриени во 1988 година.

Машките работна панталони од џинс се пронајдени во ковчегот кој му припаѓал на извесен Џон Демент од Орегон, кој можеби ги купил во Сан Франциско, соопштија од аукциската куќа.

Појаснуваат дека шлицот со пет копчиња укажува на тоа дека би можело да станува збор за фармерки од најраното производство на работни панталони какви што со децении сега ги продава прославениот бренд „Levi Strauss“. Шлицот е „речиси идентичен, иако не и технички идентичен со ‘левиските’, а водот, формата и големината на копчињата е ист“, додаваат.

Познато е дека „Levi Strauss“ своите први фармерки со етикета ги изработил и понудил на пазарот во Сан Франциско во 1873 година, 16 години по споменатиот бродолом од кој се пронајдени овие рударски работни панталони.

Историчарката и директорка на архивот на компанијата Трејси Панек, за BBC изјави дека не наоѓа „„врска меѓу фармерките на компанијата Levi Strauss & Co и панталоните на аукцијата во Ено“, ниту дека верува оти станува збор за „работни рударски панталони“.

„Панталоните не се изработени од деним платно и скроени со години пред Levi Strauss да ги патентира своите индиго сони фармерки“, рекла Панек додавајќи дека панталоните со копчиња биле вообичаени за XIX век.

Споменатата аукција е организирана два месеца откако чифт стари фармерки на „Levi Strauss & Co“ од 1880-те години, пронајдени во напуштено рударско окно во западниот дел од САД беше продаден за 76.000 долари на наддавањето во Њу Мексико.

Аукцијата на предметите од остатоците од парабродот „Central America“ нуди и друга облека од XIX век. Ѕвоно од месинг веќе е купено за 18.000 долари, а проѕирен стаклен пепелник за 1.500 долари. Остатокот од предметите ќе бидат понудени во февруари 2023 година.