На суд се читаа пораки од телефонот на Боки 13 со Јанева, Ремеснки, Камчев и Панделески

На рочиштето во четвртокот во случајот „Рекет” беа прочитани СМС пораки, од  вештачењето на телефонот на обвинетиот Бојан Јовановски, попознат акако Боки 13.

Од второобвинетата Катица Јанева, досега беше презентирано единствено  комуникација од 25-ти февруари 2019 година, во која имаше само пораки што ги испраќал Бојан Јовановски Боки 13. Станува збор за неколку испратени фотографии од гарнитури и една порака со содржина: „Одбрав, стигнати се.“

Истиот ден, на 25-ти  февруари минтата 2019 година, е сочувана и пораката којашто Јовановски ги добил од Орце Камчев. Во прашање е една фотографија од покана од обвинителство која ја добил бизнисменот и порака со содржина: „Покани, нели завршија?“

Денеска беа читани други пораки што обвинетиот во случајот „Рекет“ ги добивал од осомничениот бизнисменот Дејан Панделески, исто така, од случајот „Империја“.

На 4-ти март 2019 година, Камчев му пратил принтскрин од одлука на Врховен суд, а потоа и порака со содржина: „Лиле не мирува, и Зоки читам глупости зборувал.“

Подоцна, во март, Камчев преку пораки пишува што дал како гаранција од 2,5 милиони евра, односно дуќан на улицата „Маршал Тито“, во кој има продавница „Сваровски“, и дуќан во ГТЦ, каде што е сместен „ДМ маркет“, при што на Јовановски му пишува „Ај, провери кога ќе го пуштат мислењето“.

Во телефонот на Јовановски на апликацијата „Ватсап“ имало и пораки со пратеничката Фросина Ременски.

„Моите информации велат дека Апелација утре ќе одлучи за ослободување од притвор на Орце“, му пишала Ременски на Јовановски на 24-ти декември 2018 година, односно само неколку дена пред бизнисменот да излезе од притвор.

Боки на тоа одговара: „Не“, а Ременски возвраќа: „Дај Боже“

Подоцна Ременски му испраќа уште една порака, во која се споменуваат имиња на судиите „Сафет, Цветанка Периќ, Јани Нича наводно утре ќе одлучуваат по жалбата на Орце, провери го ова“, на што Јовановски возвраќа: „ОК.“

Комуникација меѓу двајцата на споменатата апликација има и во јуни лани, но во неа пратеничката му кажува на Боки дека на пратенички прашања во Собранието, Антонијо (Милошоски), „поставил прашање за Коки, а дека З.З. одговарал и може да го гледа на МТВ 3.“

Последни во судница се читаа пораките од телефонот на Боки во контакт потпишан како Дејан Пелистерка, што алудира на бизнисменот Дејан Панделески, син на Цветан Панделески, кој е осомничен во случајот „Империја“.

Така, меѓу пораките на 15-ти јануари 2019 година Јовановски пишува: „Сега ќе ги викнат адвокатите“, на што синот Панделески „Лиле не дава согласност.“

Беше прочитана и пораката од 4-ти март, кога Јовановски добива порака од истиот телефонски број: „Стигна решението.“

Ден подоцна Дејан Пелистерка пишува: „Уште 500 сега“.

„Фала ти, ај види уште другите“, возвраќа Боки.

„Бојан, 500 денес другар, ме блокира царина, не можам повеќе“, е уште една порака која на 6-ти март 2019 година ја испраќа Дејан Панделески.

Од него беше прочитана уште една порака до Јовановски, од 8-ми мај 2019 година која гласи „Боки, од мене ќе имаш 5 м., тоа е максимум.“

Со оваа порака заврши денешното читање на пораките кое треба да продолжи во петок.

Претходно, на рочиштето беа  презентирани и други материјални докази на Обвинителството, а меѓу нив беа и фискални сметки и формулари за враќање данок од шопинг во Милано, Италија, на Боки 13 и неговата мајка Јасминка Јовановска. Станува збор за три дена шопинг – 25-ти, 26-ти и 27-ми февруари 2019 година, за кои биле потрошени 148.000 евра. Најниската фискална сметка изнесуваше околу 700 евра, а највисоката 26.000 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.