На судењето за „Монструм“ еден од родителите повторно побара Заев да биде повикан како сведок

Еден од родителите на убиените денеска на продолжението на судењето за за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година „Монструм“ повторно повика премиерот Зоран Заев да биде повикан како сведок и Судот да ја обезбеди снимката од Собрание каде Заев, одговарајќи на пратенички прашања, зборува за убиството кај Смилковско.

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за „Монструм“, а случајот се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат СМС-пораки и други транскрипти, предложени како дополнителни докази од Обвинителството.

Родителот на еден од убиените инсистираше Заев да биде донесен додека е на функција премиер и да каже се што знае и посочи дека премиерот во Собранието Заев некаде во февруари кажал многу важни работи.

Судијата истакна дека кога ќе дојде време за тоа ќе биде побарана снимката и Заев ќе биде повикан како сведок, тогаш кога ќе се сослушуваат сведоците.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека Заев ќе биде повикан, истакнувајќи дека без оглед на неговата моментална професија тој мора да ја зборува вистината, а ако не ја зборува ќе сноси последици.

Родителот меѓу другото ги праша судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани, кои го водат случајот, што ќе биде со него доколку тие бидат избрени во Апелацискиот суд, за каде конкурирале.

-Судија да го повикате Заев да не избега и тој да се бања во некое џакузи како Груевски, рече родителот.

Минатото рочиште беше одложено поради смртен случај на еден од поротниците. За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Судскиот процес го води судијата Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.