На светот му се заканува „ураган од петта категорија“, предупредува Гутереш

Светот гледа во окото на ураганот од петта категорија, изјави во средата генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во обраќањето на Светскиот економски форум во швајцарски Давос.

Челникот на светската организација во говорот пред бројни светски челници, оцени дека „светот е во жална ситуација“. „Нашиот свет го зафати совршена бура на повеќе фронтови“, рече Гутереш.

Меѓу главните закани со коишто светот се соочува ги истакна претстојната глобална рецесија, војната во Украина, сѐ поголемите нееднаквости, растот на трошоците за живот, големата задолженост на ранливите земји и последиците од пандемијата на коронавирусот.

Гутереш рече дека во борбата против глобалното затоплување „ја губиме битката“ и дека секоја нова седмица носи „нови климатски стравотии“. Ветувањето дека растот на глобалната температура ќе се ограничи на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа „се распрсна како чад“, рече челникот на ОН, предупредувајќи дека светото ита кон зголемување на глобалната температура од 2,8 Целзиусови степени.