На Табановце запленето 13 килограми марихуана

Во рамките на акцијата „Април“, царинските инспектори од Одделението за оперативни работи-мобилни тимови, вчера на граничен премин Табановце спречија шверц на 13 килограми високо квалитетна марихуана.

Имено, на 19 април, околу 14 часот на граничниот премин Табановце се пријави патничко моторно возило марка „цитроен ксара пикасо“ со албански регистарски ознаки,  управувано од албански државјанин со иницијали Ф.К.(22). Во возилото како сопатник било присутно уште едно лице А.Л.(22), исто така албански државјанин. При контрола на лицата и возилото,  инспекторите од Одделението за оперативни работи забележале  дека дел од каросеријата е свежо бојадисан, китиран  и видно изменет, а при отстранување на китираното место се појавила специјално направена плочка. Со отстранување на металната плочка се гледа специјално направен бункер во кој се пронајдени 15 пакетчиња обвиткани со селотејп трака премачкани со црна мрсна материја и наполнети со непозната тревкаста материја. Во понатамошен преглед на возилото, под десното совозачко седиште, по отстранување на теписонот и пластичната преграда пронајдени се уште 11 исто такви пакетчиња, обвиткани со селотејп трака премачкани со црна мрсна материја. При извршено теститање со тестер „NIK”  утврдено е дека сите 26 пакетчиња, со тежина од 13 килограми се наполнети со марихуана. По спроведените предистражни мерки, царинските инспектори утврдија дека Ф.К. и А.Л., биле ангажирани од страна на лице, државјанин на Република Албанија, за сума од 3.000 евра со возилото да ја пренесат дрогата преку Македонија, Србија, Унгарија и Австрија, до Хамбург – Германија, каде истата требало да биде преземена.  Осомничените го превзеле веќе подготвеното возило од лицето кое ги најмило да ја пренесат дрогата и со истото се упатиле кон Германија преку Р.Македонија каде на Граничниот премин Табановце биле откриени. Запленетата марихуана, на западно еврпскиот наркопазар, при продажба на големо има вредност од околу 40.000 евра, а доколку би се продавала на помали количини, цената би била неколкукратно повисока.

4

Царинската управа на Република Македонија против осомничените поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.