Најтоплиот јули во последните 140 години

Годинешниот јули бил најтоплиот месец во последните 140 години откако Националната агенција за истражување на океаните и атмосферата (NOAA) ги регистрира податоците за глобалната температура, соопшти оваа американска владина агенција.

Просечната температура во јули ширум глобалните копнени површини и океаните била за 0,95 Целзиусови степени над просекот во XX век од 15,8 Целзиусови степени, највисока вредност откако NOAA започнала со водењето на евиденцијата во 1880 година.

Најзначајните отстапувања од температурниот просек се забележани на Алјаска, во централна Европа, во северните и југозападните делови од Азија и во делови од Африка и Австралија, се наведува во соопштението на американската агенција. Температурите во овие региони во јули биле за околу 2 Целзиусови степени над просекот од 1981 до 2010 година, или и повеќе.

Податоците, исто така, укажуваат дека девет од десетте најтопли месеци јули се регистрирани од 2005 година, а последните пет се и петте најтопли. Јули 1998 година бил единствениот јули во минатиот век меѓу десетте најтопли кои се регистрирани.

Глобалната просечна температура на копнената површина била 1,23 Целзиусови степени над просекот во XX век од 14,3 Целзиусови степени и втората највисока температура во јули во 140 години.

Овие податоци не отстапуваат од претходно објавените процени на Светската метеоролошка органиација, а ги собирале Националните центри за податоци за природната средина во рамките на NOAA.