Бројот на китовите од видот балин (јужните десни китови, кои живеат јужно од Екваторот) кои се пронајдени мртви близу јужните брегови на Аргентина се искачи на 30, соопшти во саботата Институтот за заштита на китовите.
Според изворот, пронајдени се угинати 26 возрасни китови и четири младенчиња. Претходно беше соопштено за 18 угинати животни, а останките на првиот кит беше пронајдено на 24-ти септември.
Во моментов научниците работат на верзиите за причините за умирањето на китовите. Се истражува опцијата за труење со опасните цутови на алгите, бидејќи во примероците од планктони и школките од тоа подрачје се пронајдени многу високи нивоа биотоксини.
Цутењето на отровните алги е глобален проблем. Така во 2015 година во Чиле угинаа околу 300 китови од труење со нив. Човековите активности имаат непосредно влијание со цутењето на овие отровни алги во крајбрежјето, што е поттикнато со растот на температурите на океаните, емисиите од индустријата и од земјоделските површини на кои се користат ѓубрива.
Останките на угинатите китови се пронајдени во близина на полуостровот Валдес, каде што илјадници туристи доаѓаат секоја година во периодот од јуни до декември да им се восхитуваат на овие океански гиганти. Китовите доаѓаат тука за парење или за хранење на своите новородени младенчиња. Тоа е единственото место во Аргентина каде што љубопитниците и туристите се на дофат на китовите.