На УКЛО-Битола слободни 3.095 места за студенти бруцоши

Универзитетот „Св. Климент Охридски“-УКЛО Битола, го објави дополнителниот Конкурс за упис на студенти за претстојната академска година.

Во вториот уписен рок слободни се 3.095 места на сите универзитетски единици на УКЛО.

– За сите незапишани кандидати УКЛО спроведува уште два уписни рока, со тоа што право за индекс покрај матуранти со државна и меѓународна матура, имаат и кандидатите со завршен испит и училишна матура. Подготовките навремено се извршени и вториот уписен рок ќе се реализира на 1. и 4. Септември, додека третиот уписен рок ќе се врши на 14 септември, информираат од секторот за односи со јавност на УКЛО-Битола.

Според дополнителниот Конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии на УКЛО, од 3.095 слободни места, 1.392 се за државна квота, 883 со кофинансирање и 820 за вонредни студии.

Реализацијата на конкурсот за запишување студенти во прва година на прв циклус студии во првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола беше спроведена успешно. На 11 високообразовни институции во првиот уписен рок конкурираа над 1.000 студенти, што е во рамки на проектираниот интерес и бројките се движат во слични рамки како и во претходните академски години, потрдуваат од УКЛО-Битола.