На Јувентус му одземаа 10 бодови

Само неколку часа пред почетокот на натпреварот од 36-то коло на италијанското првенство во кој Јувентус му гостува на Емполи, торинската „Стара дама“ е казнета со одземање на десет бодови.

На италијанскиот фудбалски великан првично му беа одземени 15 бодови поради финансиски малверзации. Откако клубот се жалеше, бодовите му беа вратени до завршување на постапката. А денеска стаса и конечната одлука.

Апелацискиот суд на Италијанскиот фудбалски сојуз го казни Јувентус со одземање на десет бодови, што го комплицира неговото пласирање во Лигата на шампионите следната сезона.

По новата казна Јувентус падна на седмото место со 59 бодови, пет помалку од позицијата која води во Лигата на шампионите, но со вечерашниот има да одигра уште три натпревара, во кои може да го надомести заостанувањето.