На вечното дерби Гробари маскирани во фоторепортери навивале против Црвена ѕвезда

Според најавите, домаќинот го очекува парична казна, а ќе има санкции и за гостите

Партизан и Црвена ѕвезда само втор пат во 163 меѓусебни мечеви, викендов мораа да играат без публика. Пандемијата со Коронавирусот е причина зошто дуелот на стадионот на Партизан се одигра без гледачи. Иако официјално немаше навивачи, сепак е забележан одреден број на симпатизери на Партизан,пишува Спортманија.мк

Како што пишуваат српските медиуми, Партизан ќе биде казнет поради катастрофалната организација на дербито. На трибините биле евидентирани многу поголем број на службени лица од дозволеното, а сомнителни лица биле забележани и покрај самиот терен.

Навивачи на Партизан, биле маскирани во фоторепортери. На средината од второто полувреме, голманот на Црвена ѕвезда, Милан Борјан беше погоден со топка, од еден од таканаречените фоторепортери. Борјан негодуваше, но тоа само предизвика карање, за да на крајот сепак се смират страстите.

Делегатот на мечот на полувремето барал двајца лажни фоторепортери да ги соблечат маркерите и да заминат од стадионот зашто што биле препознати како навивачи на Партизан.

Со казна најверојатно ќе се соочи и Црвена ѕвезда, затоа што гостите не ги почитувале правилата за однесување во време на пандемија. Од фудбалски аспект, дербито на стадионот на Партизан, заврши без победник 1:1.