На Владата ѝ нудиме план за излез од енергетската криза со кој ќе заштеди 300 милиони евра

– Никој не води сметка за индустријата во Македонија која набавува скапа струја на слободниот пазар. „Фени“ ги исклучи печките, „Бучим“ не работи од 1 септември, а „Макстил“ работи само со 20 отсто од капацитетот… Тоа се должи на високата цена на струјата која овие фирми ја набавуваат на слободниот пазар. Оваа земја ќе остане без огромен дел од парите од извоз. Само „Фени“ и „Бучим“ годишно извезуваат производи во вредност од околу 500 милиони евра. И не само тоа, се доведуваат во прашање и илјадници работни места, а со тоа егзистенција на илјадници семејства. Владата планира да работи третиот блок на РЕК, да го вклучи ТЕЦ Осломеј и две турбини во ТЕЦ Неготино, плус хидропотенцијалот за да ги задоволи потребите“, посочи на денешниот брифинг со новинари претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објаснувајќи го предлог планот на опозицијата за излез од енргетската криза кој е доставен до Владата.

Тој рече дека се нуди, преку нивни партнери во земјите од ЕУ, да се набави мазут по пониска цена за оние компании на кои им е потребна струја.

„Преку нашите партнери се обидуваме да обезбедиме мазут за околу 200 евра поефтино од оригинална цена по тон. За потребите за струја за домаќинствата, која оди преку компанијата ЕВН Хоум, преку наши партнери од Швајцарија, Германија и Чешка кои соработуваат со Гаспром, ќе се обезбеди енергија, односно гас за Те-То да произведе струја, наместо ТЕЦ Неготино. Производството на електрична енергија, пак, на неготинската термоелектрана да биде за индустријата во земјава. При производство на електрична енергија во централата на гас Те-То, нус производ е топлинската енергија, која може да се употреби за парно греење на скопјани“, рече Мицкоски.

Додаде дека, со сите овие предлози државата ќе заштеди околу 300 милиони евра.

„Јас само нудам да им овозможам контакт со партнери од Западна Европа, инаку Владата нека го спроведе сето останато“, нагласи Мицкоски.

Тој потсети дека планот на ВМРО-ДПМНЕ за излез од енргетската криза е резултат на двонеделни интензивни средби со бизнис заедницата и стопанските комори, а целта е да им се помогне на компаниите кои немаат финансиска кондиција поради високите трошоци за електрична енергија.