На внукот на Енвер Хоџа му се заканува затвор поради препродажба на дроги

Албанското државно обвинителство побара во вторникот 13 години затворска казна за внукот на поранешниот комунистички диктатор Енвер Хоџа, во судската постапка за криумчарење кокаин.

Четириесет и двегодишниот Ермал Хоџа е дел од деветчлена група против којашто во моментов се води судска постапка и за којашто обвинителството побара затворски казни во траење од 13 до 15 години.

„Истрагата покажа дека оваа криминална група била вмешана во криумчарењето на кокаин од Албанија во Германија“, се наведува во соопштението на албанското обвинителство коешто го цитираат медиумите во Тирана.

Ермал Хоџа и неговите помагачи беа уапсени во јануари 2015 година во операција во којашто беа запленети 120 килограми кокаин. Полицијата притоа откри лабораторија за преработка на дрогата којашто била набавувана преку Куба. Двајца државјани на Колумбија, исто така, беа уапсени во рамките на истата операција.

Во извештајот на американскиот Стејт департмент од 2017 година се наведува дека преку Албанија, којашто инаку е голем производител на марихуана, и натаму „кокаинот и хероинот доаѓаат на европските пазари“.

Енвер Хоџа владееше со Албанија од 1944 до својата смрт во 1985 година. Со своите политики ја изолираше земјата од остатокот на светот, а на албанските граѓани им наметна извонредно строг диктаторски режим.