Во вторникот на њујоршки Волстрит претпазливо се тргува пред одлуките и пораките на челникот на американската централна банка за каматните стапки, па берзанските индекси останаа речиси непроменети.
Индексот Dow Jones загуби 0,04 отсто, на 41.606 поени, додека S&P 500 зајакна 0,03 отсто, на 5.634 поени, а индексот Nasdaq 0,20 отсто, на 17.628 поени.
На почетокот од вчерашното тргување, Dow Jones и S&P 500 достигнаа рекордно високо ниво, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од неочекуваниот раст на продажбата на мало во САД во август, што покажува дека потрошувачката, најголемиот двигател на економијата, останува силна.
Сепак, до крајот на тргувањето, индексите загубија најголем дел од нивните првични добивки бидејќи на пазарот преовладуваше внимателност.
Вчера почна дводневниот состанок на челниците на Fed, а одлуките ќе бидат објавени во среда. Сосема е сигурно дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки, првпат по неколку години рестриктивна монетарна политика, но големо прашање е дали ќе ги намали за 0,25 или 0,50 процентни поени.
До неодамна, пазарот очекуваше намалување од 0,25 процентни поени, со оглед на тоа што инфлацијата во САД не се намалува толку брзо како што се очекуваше. Сепак, последните денови се појавија информации дека некои од челниците на Fed се за поостро намалување од 0,50 процентни поени и дека исходот од седницата е неизвесен.
„По првичниот раст, пазарот се смири и индексите се лизнаа од рекордно ниво, бидејќи утре по состанокот на Fed некој ќе биде разочаран“, рече Расел Прајс, економист во „Ameriprise Financial Services“.
И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,38 отсто, на 8.309 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,50 отсто, на 18.726 поени, а париски CAC 0,51 отсто, на 7.487 поени.