Свет

Светски пазари На Волстрит индексот Dow Jones го проби нивото од 26.000 поени

На Волстрит индексот Dow Jones го проби нивото од 26.000 поени

На њујоршки Волстрит во средата берзанските индекси скокнаа на нови рекордни нивоа, при што индексот Dow Jones првпат во историјата се проби над 26.000 поени, бидејќи вложувачите со оптимизам ги очекуваат деловните извештаи на компаниите.

Индексот Dow Jones скокна за 1,25 отсто, на 26.115 поени, додека S&P 500 индексот порасна за 0,94 проценти, на 2.802 поени, а индексот Nasdaq скокна за 1,03 отсто, на 7.298 индексни поени.

Новите рекордни нивоа на трите главни американски индекса доаѓаат благодарејќи на оптимизмот на инвеститорите во врска со деловните резултати на компаниите за изминатото тримесечје, како и за идниот период, имајќи ги предвид неодамна воведените даночни промени, со коишто меѓу другото се намалува даночната стапка на компаниите. Освен растот на заработките, вложувачите очекуваат дека намалените даноци на компаниите ќе доведе до зголемување на дивидентите, но и на износите со кои тие ги купуваат сопствените акции на пазарите.

„Компаниите постепено ги објавуваат процените за идните резултати, па сега пазарот тоа почнува да го вградува во цените на акциите. Пред даночните реформи се размислуваше на начинот ’да, тоа би можело да се случи’, додека сега се размислува на начинот ’да, тоа навистина се случува’“, вели во анализата на Reuters Бред Мекмилан, директор во компанијата „Commonwealth Financial Network“.

Досега извештаите за работењето во последниот лански квартал ги објавија 36 компании од состав на S&P 500 индексот, при што три четвртини известија за поголема заработка отколку што се очекуваше. Оттаму, сега аналитичарите во анкетата на Reuters проценуваат дека заработките на компаниите од составот на индексот S&P 500 во последното минатогодишно тримесечје пораснале за повеќе од 12 отсто во однос на истиот период една година порано, додека пред една седмица очекуваа раст од 11,8 отсто.

Меѓу најголемите добитници во средата беше акцијата на „Boeing“ со скок на цената за 4,7 отсто, откако овој произведувач на авиони најави заедничко вложување со компанијата „Adient“ во производство на седишта за воздухопловите. Значително, речиси за 3 отсто, порасна и цената на акцијата на IBM, откако аналитичарите на банката „Barclays“ ги зголемија препораките за акциите на овој технолошки гигант.

Но во вчерашното тргување имаше и големи губитници. Цената на акциите на автомобилскиот гигант „Ford“ потона 7 отсто, бидејќи инвеститорите беа разочарани од ланските деловни резултати на оваа компанија. Поради послабите квартални деловни резултати отколку што се очекуваше, падна и ацијата на банката „Goldman Sachs“ за речиси 2 отсто, како и на „Bank of America“ за 0,2 отсто.

Меѓу губитнциите повторно се најде, втор ден со ред, и акцијата на „General Electric“ со пад на цената за дополнителни 4,7 отсто, откако ден претходно овој индустриски гигант извести за трошоци од околи 11 милијарди долари поврзани со новите даночни прописи и осигурителните портфељи.

Од почетокот на годинава S&P 500 индексот порасна за 4,8 отсто, благодарејќи на неодамна прифатената даночна реформа во САД и надежите на вложувачите во раст на заработките на компаниите.