На Волстрит нов остар пад поради стравот од рецесија

На њујоршки Волстрит во четвртокот цените на акциите повторно остро паднаа, веќе седми ден со ред во последните осум дена, бидејќи вложувачите стравуваат дека агресивното зголемување на каматните стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed) ќе предизвика рецесија.

И на водечките европски берзи цените на акциите вчера паднаа. Така лондонскиот FTSE индекс ослабе за 1,77 отсто на 6.881 поен, франкфуртскиот DAX се лизна за 1,71 проценти на 11.975 поени, а парискиот CAC индекс загуби на вредноста 1,53 отсто на 5.676 индексни поени.

На Њујорк, на најголемата светска берза, пак, индексот Dow Jones се лизна за 1,54 отсто на 29.225 поени, S&P 500 потона за 2,11 проценти на 3.640 поени, а Nasdaq индексот падна за 2,84 отсто на 10.737 индексни поени.

Откако ден претходно скокна за 2 отсто, вчера индексот S&P 500 повторно остро падна и се нурна на најниското ниво од ноември 2020 година. Притоа паднаа цените во сите 11 најважните сектори од S&P 500 индексот. Под највисок притисок беа акциите на технолошките компании, бидејќи повторно пораснаа приносите на американските обврзници, а на овој сектор не му одговара атмосферата со зголемени трошоци за задолжувањето.

Притисокот врз пазарот е последица од стравувањата на вложувачите дека агресивното зголемување на клучните каматни стапки на Fed ќе ја одведе американската економија во рецесија. Минатата седмица централната банка на третата своја седница со ред ги зголеми каматните стапки за 0,75 процентни поени, во распонот од 3 до 3,25 отсто, што е нивното највисоко ниво од 2008 година.

А челниците на Fed порачуваат дека и натаму ќе ја зголемуваат цената на парите, за да ја спуштат инфлацијата од највисоките нивоа по повеќе од 40 години. Лорета Местер, шефица на филијалата на Fed во Кливленд, изјави во четвртокот дека не гледа големи неволји на американскиот финансиски пазар коишто би влијаеле централната банка да ја промени политиката на подигнување на каматните стапки за да ја сузбие инфлацијата.

А новите податоци покажаа дека пазарот на трудот и натаму е многу силно, и покрај зголемувањето на каматите на Fed. Бројот на Американците кои минатата седмица првпат побарале помош поради невработеност, паднал на најниското ниво во последните пет месеци.

„Во ваквите околности, добрата вест од пазарот на трудот е лоша вест, бидејќи покажува дека Fed мора да мине уште долг пат. Вложувачите се плашат дека Fed ќе нѐ турне во длабока рецесија, што ќе предизвика рецесија на заработките. Поради тоа вложувачите ги продаваат акциите“, појаснува за Reuters Фил Бланкато, директор во компанијата „ Ladenburg Thalmann Asset Management“.

Поради тоа, S&P 500 индексот од почетокот на годината падна за околу 24 отсто.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.