На Заев и Мијалков не им оди туркањето на Мицкоски, па глумат бркање и демонстрираат сила

Драмолетката што се случува од синоќа е уште едно замајување на народот по онаа народната „при очи слеп“, демек никој не ги гледа актерите што прават во претставата „Судот суди како ќе се договориме“. Од една страна е власта предводена од премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а од друга е некогашниот прв дрматор во државата и предводник на иницијаторите за промени во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков.

Во епизодата „Таргет-Тврдина“, во која од синоќа почна нов заплет, покрај најавениот расплет на 26 февруари со познат епилог од неколкугодишна казна затвор, ако е сè по сижето на Кривичниот законик и правната држава, со церемонијал мајсторите Обвинителство и судство на независност.

Имено, од синоќа Мијалков требаше да биде во куќен притвор по налог на Кривичниот суд, а по барање на Обвинителството, арно ама, никој не може да го најде за да му го врачи решението. Полицијата го барала на повеќе негови живеалишта – во Капиштец, Водно и хотелот „Мериот“, каде што претходно издржуваше куќен притвор.

За да биде приказната поинтересна, се пуштија гласини дека министерот Спасовски депонирал оставка поради овој случај. Со еден збор – дворски игри.

Не е тајна дека од избувнувањето на аферата со масовното прислушување, по која падна владата на Груевски на изборите во 2016 година, имаше задкулисни средби на дотогаш првиот човек на УБК Мијалков, подоцна обвинет, и лидерот на СДСМ Заев. Покрај тоа што се дозираа т.н. „бомби“, бидејќи и двајцата не беа сигурни што се поседува другата страна, ставија мораториум на објавите во кои тие се главните протагонисти. Првата испорака беше направена во Собранието кога неколку пратеници под контрола на Мијалков гласаа за промена на името. За возврат, Заев да ги ослободи од кривичен прогон на некои од пратениците или членови на нивните семејства, но и Мијалков. При што лидерот на СДСМ побарал уште една мала услуга – да му ја разниша стабилноста на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, за да може Заев да истера барем еден чист мандат на власт и покрај катастрофалните резултати.

Па така, Мијалков е главен предводник на „Мериот коалицијата“, односно иницијативниот одбор за вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ и симнување на Христијан Мицкоски од лидерската позиција, при што луѓето под контрола на Заев би ја презеле контролата во ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели онаа народната „домашниот есап и тој на пазарот не ист“, така и во овие договори работите излегуваат од колосек. На иницијативниот одбор не му оди, има мала поддршка. За да ги забрза работите, Заев го притегнува Мијалков да биде поагресивен во десеткувањето на Мицкоски, во спротивно судиите ќе го „рокнат“ на 26 февруари, а до тогаш полицајците ќе се прават „на Тошо“ и нема да може да го пронајдат.

На „исчезнувањето“, наводно, му кумувале главните протагонисти, за да може Заев да ги смири страстите во СДСМ, бидејќи немаат ниту една пресуда за крупните „ѕверки“.

Своевремено еден ваков договор имаше меѓу „лутите ривали“ Црвенковски-Георгиевски, ама тие не си играа судство и правна држава, туку едноставно си замижаа за неделата.

При изрекувањето на завршните зборови за случајот Таргет-Тврдина обвинителката Ленче Ристовска рече дека главното прашање не е како се прислушувало, туку кој стои зад овој голем скандал. Според неа, Мијалков, од својата канцеларија директно можел да слуша разговори кои биле нелегално прислушувани. Постоеле кориснички имиња со кои можеле директно од канцелариите да слушаат разговори. Г.Г. било корисничко име за Горан Грујевски, Н.Н. за обвинетата началничка Надица Николиќ, но имало и корисничко име „директор“, а тогашен директор на управата бил Сашо Мијалков.

Да потсетиме дека масовното незаконско прислушување се правело од 2008 до 2015 година. Скандалот беше обелоденет од опозиционерот Заев со пуштање во јавноста на „бомбите“, при што се пуштија материјали во биле прислушувани политичари, членови на нивните семејства, новинари, адвокати, обвинители… Во обвинителниот се истакнува дека преку три системи за следење на комуникациите во УБК, биле незаконски следени 4.286 телефонски броеви, а прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

И поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се пожали дека била жртва на прислушувањето.

Мијалков минатиот месец на сведочењето тврдеше дека не е вмешан во аферата со прислушувањето и уништувањето на опремата за следење на комуникациите. Според него, во земјата имало и други системи за прислушување, освен тие на УБК.