На Заев не му се дава премиерската фотелја

На само девет ден пред денот кога премиерот Зоран Заев треба да се повлече од функцијата и да биде формирана техничка влада, тој ја засилува реториката дека таквото сценарио и може да не се реализира.

Откако вчера изјави дека постои можност изборите договорени за 12-ти април да бидат одложение денеска вели дека тој нема да поднесе оставка од премиерската функција доколку во Собранието не поминат како што ги нарекува „суштинските закони“.

„Јас не сакам да ги одложам изборите ние во петок имаме Централен одбор, на Центарлниот одбор ќе одлучиме за новиот претседател на владата за време на техничката влада, ќе одлучуваме за пополнување на испразнетите места а тоа се согласно пржинската влада односно дополнителните заменици во МВР  во МТСП и потпретседател за економски прашања. Тоа покажува сериозен израз дека ние сме за избори и треба да се завршат. Но нема да дозволиме интересот на било која политичка партија или политички субјект да биде доведен во прашање заради тоа што некој има некоја скриена агенда која што може да биде дури и легитимна само ако не е на штета на граѓаните и државата“, вели Заев.

Инаку, Заев ќе биде вториот премиер по Никола Груевски кој што ќе се повлече од функцијата со цел формирање на техничка влада 100 дена пред одржување на парламентарни избори.

Груевски оставката ја поднесе на 18-ти јануари 2016 година на 100 пред 24-ти април за кога беа договорени да се одржат тогаш предвремените избори, кои сепак по две одложувања се реализираа на 11-ти декември.

И тогаш како и сега се најавуваше одложување на изборите исто така од Заев и раководството на СДСМ со тврдење дека не се исполнети условите за одржување на фер и демократски избори.

И покрај можност изборите да бидат одложени, што и се случи, Груевски се повлече од функцијата, а на негово место беше избран Емил Димитриев, како претседател на техничката Влада.

„На 24 април договорени се избори, а 100 дена пред тоа премиерот треба да се повлече. Валканата кампања против Македонија треба да прекине. Ние го почитуваме договореното“, рече Груевски во обраќањето дадено ден пред да ја испрати писмената оставка до Собранието.

Техничката влада во пресрет на изборите на 12-ти април треба да се формира најдоцна на трети јануари. Согласно Изборниот законик, Заев треба на истиот ден да се повлече до функцијата и да предложи технички премиер.