На Жолтите елеци им забранија протести на Елисејските полиња

Префектурата на полицијата на француската престолнина Париз им го забрани собирот на граѓанското движење Жолти елеци оваа сабота на Елисејските полиња, пренесува во петокот AFP.

Покрај тоа, секакави демонстрации ќе бидат забранети истиот ден и на плоштадот Шарл де Гол, на кој се наоѓа Триумфалната капија, како и во областа на Елисејскиот дворец, кој е резиденција на претседателот на државата, во реонот на Бубонскиот дворец, каде што заседаваат пратниците од долниот дом на францускиот парламент.

Претходно францускиот премиер Едуар Филип објави дека властите ќе ги забранат протестните собири на Жолтите елеци во одредени квартови, доколку меѓу учесниците има ултрарадикални насилници. Во Париз, дејството на оваа мерка, како што посочи премиерот, се однесува на Елисејските полиња во Париз, во Бордо на плоштадот Пеи Берлан а во Тулуз на плоштатод Капитол.

Бранот протести на Жолтите елеци минатата сабота собра околу 32.000 луѓе низ цела Франција, според министерството за внатрешни работи. Во Париз протестот беше проследен со масовни немири и судири на ултрарадикални демонстранти со полицијата. Епицентарот на судирите беа Елисејските полиња, авенијата попозната како Шанзелизе, каде што агресивните демонстранти демолираа и потпалија десетици продавници, кафулиња, киосци. Според министерот за економија и финансии на Франција, Бруно Ле Мер, Жолтите елеци и групите хулигани кои им се приклучиле, предизвикале штета од 200 милиони евра во текот на протестите кои започнаа кон крајот на ноември минатата година.