Набавена нова опрема за царинската лабораторија

Со грант средства од ЕУ во вредност од 372.650 евра преку ИПА фондовите набавени се нови софистицирани инструменти и апарати кои главно применуваат хроматографски методи преку кои се анализираат нафтени деривати, храна, алкохолни пијалаци и други производи за царински потреби. Според министерката за финансии Нина Ангеловска, со набавената софистицирана апаратура за покусо време, со помала количина на примерок, се добива подетален хемиски состав.

„Модерната царинска лабораторија ќе придонесе против борбата со нелегалната трговија, измамата, заштитата на потрошувачите и нивното здравје, заштитата на животната средина, борбата против тероризмот и зачувување на граничниот интегритет, истакна таа.

Евроамбасадорот Самоил Жбогар, истакна дека новата опрема ќе придонесе за сигурноста и безбедноста на производите и здравјето на граѓаните и околината, ќе придонесат да се превенираат измами и кон ефикасна наплата на акцизите и царините.

Досега преку ИПА фондовите се склучени договори во износ од 8,8 милиони евра за поддршка на проекти во Царината, односно за јакнење на административните капацитети, софтвери и други проекти во насока на модернизација на Царината и усогласување со европската пракса и легислатива.