Наближувањето на роковите го раздвижи и Југохром oд Јегуновце

Делегација на Министерството за животна средина и просторно планиарње, предводена од министерот, Абдилаќим Адеми, денеска беше во посета Југохром Фероалојс Јегуновце, во Јегуновце, каде што оствари средба со раководниот кадар на компанијата.

Целта на посетата беше следење на степенот на реализација на обврските од Оперативниот план за добивање на А- интегрирана еколошка дозвола коишто, согласно позитивната легислатива, компаниите треба да ги исполнат најдоцна до први април оваа година.

„Југохром Фероалојс ” ДОО е инсталација која со просечно произведство од пет до 5,5 илјади тони на феролегури е најголемиот производител на феролегури не само во Република Македонија, туку и на Балканот, но во исто време  спаѓа и во групата на позначајни  емитери на загадувачки супстанци, соодветно на дејноста. Согласно Законот, во 2006 год.  како Силмак Јегуновце  има поднесено барање за добивање на А-Дозвола за усогласување со оперативен план. Но од 2006 г до денес претрпе разни промени и турболенции што доведе до потешкотии во исполнување на обврските за заштита на животната средина со кои е задолжена  согласно Законот и согласно Оперативниот план.

Со оперативниот план се предвидени за реализација вкупно 29 активности за кои се потребни финансиски средства во висина  од околу 12 милиона евра. Досега се раелизирани дел од активностите, но уште седум кои се воедно и најскапи сеуште чекаат за реализација.

Како што истакна министерот Адеми во изјавата за медиуми,  Министерството за животна средина и просторно планирање и покрај тоа што ги разбира тешкотиите со кои се соочувала оваа инсталација во изминатиот период, вклучително и светската економска криза и ги подржува во нивните напори,да ги исполната обврските,  сепак не е во состојба да преговара за  побараното пролонгирање на поставените рокови, нагласувајќи дека за вакви одлуки надлежна е исклучиво Владата.

Последна новина е дека Владата има доставено барање до сите инсталации кои сеуште не ги исполниле условите за добивање на А-интегрирани дозволи да достават извештаии за степенот на реализација на оперативните планови најдоцна до крајот на март годинава.

„Југохром Јегуновце“ ја има започнато постапката за поставување на систем за отпрашување кој воедно е и најголемата инвестиција во правец на заштита на животната средина, а за што веќе има потпишано договор со швајцарска  компанија.