Нацев: Македонија престана да постои како правна држава

Македонија повеќе не е правна држава, откако Јавното обвинителство има двојни стандарди, едни за послушниците на Зоран Заев, а други за сите оние кои мислат поинаку, обивни во четвртокот на прес-конференција Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Одлуката за ослободување од обвинение на Павле Богоевски, кој со месеци дивееше низ Скопје оштетувајќи државен имот е срам за правдата и правната држава. Има ли поголем апсурд од тоа Богоевски и другите хулигани кои со недели руинираа државен имот да бидат амнестирани, а да се упатуваат закани и да се гонат оние кои работеле на спречување и покривање на штетите“, рече Нацев.

Обвини дека во земјата се спроведува селективна правда кога пратеникот од владејачкото мнозинство се ослободува од кривичен прокон без обвинение, на премиерот Заев му се извинуваат судии затоа што бил повикан на рочиште и во недоглед се одлагаат судските расправи против него, истовремено, десетици патриоти кои се сомничат во конструиран случај за тероризам се влечат по затвори без никаква основа.

„Институциите се искористени за пресметка со политичките неистомисленици, а правосудните органи не смеат да процесуираат ниту еден случај против претставник на власта. Правда нема. Законот не важи. Институциите се злоупотребуваат. Ова е сликата за Република Македонија под власта на СДСМ. Зарем е ова животот и еднаквоста која ја ветуваше СДСМ? Ова е единствено гол политички прогон на власта која ги користи институциите за партиски цели. Десетици патриоти се во притвор скоро два месеци, а во предметите против нив не беше преземено ниедно истражно дејствие. Тие се држат без никаков основ повеќе од 50 дена, по барање на ОЈО, а со одобрение на судот. Нивните основни права беа кршени во сите делови од истрагата, а претставници на власта на суд одат како на пазар“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Нацев оцени дека додека едните се „предмет на изживување, други се привилегирани“, како и дека претставниците на ткан Шарена револуција, кои протестираа против владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се привилегирани од правосудните органи, а учесниците во граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ се држат во долги притвори во нехумани услови без никакви докази.

„Македонија ги живее со своите најнедемократски моменти од осамостојувањето до денес. ОЈО со своето селективно привилегирање на функционери од власта, а прогонување на оние кои мислат поинаку, државата ја враќа во времето на комунизмот. Двојните аршини на судството под притисок се очигледни. Државата и граѓаните стануваат жртви на системот. Ваквата неправда мора да запре“, заклучи Нацев.