Нацев: Шекеринска во Авганистан прати партиски војници, а ги исфрли професионалците

НАТО значи професионализам, ред и процедури, а не политизација, субјективизам и корупција, изјави денеска Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

– Да се исфрлаат професионалци кои го минале конкурсот и на нивно место да се ставаат партиски послушници е огромен удар врз армијата. Не само што ги демотивира професионалците кои сакаат и можат да одговорат на задачите, туку заради несоодветната селекција ги доведува во ризик сите членови на мировната мисија во Авганистан, вклучувајќи ги и нашите партнери – порача Нацев.

Со начинот на кој што Радмила Шекеринска го води Министерството за одбрана, го загрозува угледот кој Армијата на Република Македонија го градеше со години, додаде Нацев.

– Скандал го тресе Министерството после испраќањето на последната воена мисија во Авганистан. Со лична, партиска и политичка, а не професионална одлука, Шекеринска упати несоодветен персонал во последната мировна мисија. За тоа колку е мотивиран и професионален персоналот што го испраќа во Авганистан говори и фактот што дел од кандидатите воопшто не биле заинтересирани, ниту се јавиле на конкурсот распишан од министерството – вели Нацев.

Тој додава дека кандидатите кои Шекеринска ги испраќа ниту ги имаат поминато здравствените и физичките тестови предвидени со конкурсот.

– Дел од кандидатите кои Шекеринска ги испраќа ниту ги имаат поминато здравствените и физичките тестови предвидени со конкурсот, ниту за нив е направена проверка дали ги поседуваат соодветните НАТО сертификати, ниту е утврдено дали го познаваат англискиот јазик на неопходното ниво од 70%. Скандалозно – додаде тој.

Дали за министерката за одбрана е доволно нејзиниот кандидат да е само партиски активист на СДСМ или да е дел од коалицијата на власт, прашува Александар Нацев

– Ваквиот однос на Шекеринска кон армијата е само продолжение на нејзиниот предлог за дополна и измена на законот за служба во Армијата во делот на поставување и унапредување на офицери во повисоки чинови. Со тој предлог Шекеринска би го заокружила целокупниот процес на ПАРТИЗАЦИЈА на Армискиот состав т.е директно врши упад во системот на командување и контрола на Генералштабот во Армијата – вели Нацев.

– Бараме Јавното обвинителство и надлежните институции во Република Македонија да ги испитаат сите овие наводи зашто се прекршуваат процедурите во изборот и упатувањето на персоналот во мисија. Дали позадината на ова е корупција и земање на мито под закрила на министерката за одбрана – прашува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.