Началникот кој ги лажел колегите во случајот „Флешер“, стои до Спасовски на прес конференција

Минатиот петок при посетата на СВР Скопје, на новинарско прашање за случајот „Флешер“ поврзан со автомобил користен од синот на заменикот Назим Буши, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека не се знае кој го возел автомобилот мерцедес, но со сигурност знае дека не е Ќерим Буши. Меѓу присутните на прес конференцијата беше и началникот со советничка функција во СВР Скопје Вулнет Аземи, објави Телма .

Денеска, пак, МВР тврди токму Адеми бил полицискиот функционер кој ги лажел колегите полицајци (МВР тоа го нарече доведување во заблуда) дека мерцедесот на приватна фирма било службено возило, по што полицајците воопшто не го регистрирале случајот и прекршокот за брзо возење и нелегално користење флешери.

Нејасно е како началникот Аземи уште тогаш не му кажал на министерот Спасовски за кого интервенирал да биде пропуштен автомобилот кој според МВР не го возел Буши помладиот.

МВР соопшти дека Г.К., 29-годишен скопјанец е возачот на автомобилот со таблички 0202. Со оваа регистрација има два автомобили кои ги користи синот на Буши, мерцедес од приватна битолска фирма и ауди А6 земен под лизинг од банка.

Според информациите на Телма, началникот Аземи интервенирал за 29-годишниот Гентиан Колци.

МВР не објасни каква е врската меѓу високопозиционираниот полициски началник и Колци кој ја возел колата за која сите знаат дека ја користи син на заменик министер за внатрешни работи.

Нејасно е зошто тогаш реагирал и лажел началникот Аземи кој како што се гледа на фотографијата пред СВР Скопје го пречека Оливер Спасовски минатиот петок, без уште тогаш да се даде објаснување кој е виновникот во полициските редови за случајот „Флешер“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.