Началникот на американскиот здружен ГШ, Мили на средби со израелскиот воен врв

Американскиот началник на здружениот Генералштаб, генерал Марк Мили денеска се сретна со израелските високи воени претставници.

Генерал Мили синоќа допатува во Израел и се сретна со началникот на израелскиот Генералштаб, Авиви Каохави. Неговата посета се случува во време на зголемени тензии на Блиски Исток помеѓу Израел и Иран. Минатата недела на мета на израелското военовоздухопловство беа десетина ирански мети во соседна Сирија, а како одговор уследи ракетен напад врз Голанска Висорамнина, која е под контрола на Израел.

Во соопштението на израелската армија се наведува дека посетата на американскиот генерал е показател на „длабочината на партнерството помеѓу воените сили и нивната важност во промовирање на регионалната стабилност“.

„Тајмс оф Израел“ објави дека на средбите со американскиот генерал се разговарало „за низа оперативни теми и за развој на настаните во регионот“.

Додека од кабинетот на генерал Мили беше наведено дека неговата посета на Тел Авив е потврда на „посветеноста на САД на односите со Израел“.

Посетата на генерал Мили е само една од низата посети на американски воени претставници на Израел во последните неколку недели во време на зголемени тензии помеѓу Израел и Иран и меѓусебните ракетни напади.

Минатата недела началникот на штабот на Военото воздухопловство на САД, Дејвид Л. Голдфајн го посети Израел и учествуваше во заедничка воена вежба.

Воените врски помеѓу Вашингтон и Ерусалим се малку нарушени поради одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да ги повлече американските сили од регионот, оставајќи го Израел сам да се спротивставува на Иран.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху при вчерашната посета на северната граница истакна дека Иран планира нови напади во регионот, а Израел работи на тоа да ги попречи истите.