Началникот на Генералштабот на АРМ го посети гарнизонот Кичево

Посетата на началникот на ГШ на АРМ на касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево и обиколката на складот Челопеци се одвиваат  во рамките на планот за обиколка на гарнизоните на АРМ, кој започна да се реализира на почетокот од месец октомври, а досега ги посети Здружената оперативна команда (ЗОК) во гарнизонот Куманово и гарнизоните  Штип, Прилеп  и Тетово.

Со обиколката на касарната „Чеде Филиповски Даме“ и складот Челопеци беа согледани нејзините капацитети, функционалноста и условите за живот и работа во неа, при што беше констатирано дека припадниците на АРМ имаат услови за нормално извршување на задачите.

Во рамките на посетата на гарнизонот, припадниците на АРМ кои извршуваат редовни задачи во овој гарнизон, од страна на НГШ на АРМ беа информирани за извршувањето на задачите, наредните планови и актуелната состојба во АРМ.

На крајот од посетата, НГШ на АРМ оствари средба со клучниот персонал од овој гарнизон, на која присутните имаа можност да постават прашања поврзани со функционирањето на службата, од нормативно-правна природа и актуелни прашања од интерес на припадниците на гарнизонот Кичево.