Начевски: Во изминативе 4 години бевме сведоци на целосно запуштање и руинирање на спортот во Република Македонија

71

Во изминативе 4 години бевме сведоци на целосно запуштање и руинирање на спортот во Република Македонија како на централно, но особено ова е видливо на локално ниво. Анализата која ја направивме како комисија за спорт, покажува фрапантни податоци за негрижата кон спортската инфраструктура која е оставена на забот на времето и нејзино целосно уништување, без оглед дали станува збор за спортски сали, мултинаменски спортски терени или фитнес зони. Поддршката кон спортските клубови е уште поочајна. Клубовите се во тешка финансиска состојба буквално преживувајќи од месец во месец. Ниту нивниот ,,грандиозен’’ проект спортски ваучер не ги даде посакуваните резултати па наместо помош за клубовите и спортистите се претвори во средство за рекет и уцени, изјави на денешната прес конференција, Ѓорги Начевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека според согледување на оваа состојба, како комисија во тесна соработка со кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, тие составиле обемна и амбициозна програма за спорт со специфики за секоја општина, за секое населено место.

– Почнувајќи од реконструкција на спортската инфраструктура која беше запуштена изминативе години и нејзино ставање во функција и на располагање на спортистите и на граѓаните. Преку 60 нови спортски сали, голем број мултинаменски терени, фитнес зони на отворено, велосипедски патеки, трим патеки за рекреација и поддршка на рекреативниот и аматерскиот спорт! Двојно ќе го зголемиме буџетот за спорт во општините од сегашните 2% на 4% или 5% за конечно клубовите и спортистите да добијат вистински партнер во локалната самоуправа како што и заслужуваат. Поголема едукација на спортските работници, повеќе средства за посета на семинари но и носење на стручен кадар од европските земји кои ќе ги пренесат своите искуства и знаења за подобар и поорганизиран спорт! Во таа насока, ние како комисија за спорт би сакале да ве повикаме сите вас, искрени љубители на спортот, да ги поддржите кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје и за Градот Скопје, но и секаде низ Република Македонија. Вие знаете дека ние ги исполнуваме нашите ветувања, а вие можете да направите разлика како било тоа во минатото, појасни Начевски.

Тој повика да се заокружи бројот 7 за кандидатите за градоначалници и советничките листи, како и бројот 82 за кандидат за градоначалник за Град Скопје, за подобри услови за спортот, за подобри услови за спортистите, за подобри спортски резултати!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.