Национално-идентитетска мимикрија

Конечно имаме можност да го видиме вистинското лице на социјализмот со човечки лик. Остарено, одртавено, изветвено, но секогаш спремно да испорача и служи. Она кое никогаш не веруваше во независна македонска држава. Она камелеонското, кое низ историјата одеше, поточно лазеше понизно, без лично достоинство, со поданичка свест, без слободна волја и чувство за национална припадност. Она кое ја симулира свеста за независна држава, како прибежиште на неспособноста, фрустрациите и интелектуалната инфериорност.

Социјализмот со човечки лик креира илузија на лидер, интелектуалец, новинар во македонското општество, што ние ја прифативме како доказ дека не секогаш го гледате она што мислите дека е, поради начинот на кој вашиот мозок и целиот визуелен систем ја перцепираат и интерпретираат таквата проектирана слика. Конечно може да видиме колку сликата била лажна. А беше лажна од самиот почеток на независна држава.

Затоа, зарем можам да го осудам професорот Малески за изрaзено мислење, со кое не се согласувам? Секако не. Тоа би било спротивно на моите принципи за подршка на слободата на мислење и изразување. А, искрено, и да сакате не можете да полемизирате со човек кој идентитетски се пронашол на залезот на животот. Како ново осознаен Бугарин. Можел и како еским. Негово право. Кој сум јас да судам за тоа. Велат дека идентитетот прави да бидеш човек. И дека не е можно да се чувствуваме целосно човечки, ако не поседуваме барем минимално чувство за идентитет. Замислете колку може животот да ви биде промашен и тажен незнаејќи кој сте и каде припаѓате. Мора да е олеснување кога конечно ќе го осознаете коренот на вашето постоење. Кога конечно ќе ја покриете својата ментална и идентитетска голотија. Онаа југословенската.

Некогаш во неговиот социјализам, а богами и во транзицијата, за ваквите тврдења луѓе беа прогонувани, затворани и жигосувани. Но, беа искрени во нивното национално чувство. Очигледно сега е друго време. Затоа, не можам и не сакам да ја оправдам неговата досегашна интелектуална и национална мимикрија. И обидот неговото чувство на несреќа што е македонец, да го проектира на сите други што се горди на својот македонски идентитет.

Сепак не е негова вината за ова. Вината е кај нас. Што дозволивме да веруваме дека бившите комунисти ќе бидат способни и искрени да се вградат во процесот на градење независна македонска држава. Не дека ја криеја својата фрустрација поради тоа од самиот почеток. Да беше до нив ќе имавме тенкови на улиците и ќе беше бомбардирано Скопје. Ама не беше. На таквите им дозволивме да го обликуваат нашиот политички систем по нивен идеолошки модел, да ја организираат и раководат армијата, полицијата, да го моделираат нашиот образовен систем и надворешна политика. Ние им дадовме можност да бидат во позиција да креираат, или спроведуваат политики, советуваат и да ја претставуваат државата надвор. Им ги доделивме највисоките државни награди и ги направивме академици. Дури и онаа за македонската борба за национално ослободување. Која перверзија.

Еден дипломат запознаен со работите во деведесетите во Белград, забележа: ние ги бркавме, тие не сакаа да си одат. А Македонија им даде прибежиште. Дом, кој никогаш не го осеќаа како свој. Помил им беше белградскиот. Мора да е тешко да сакаш, а да бидеш отфрлен.

Така е кога на време не си ја зачистивме куќата, сега смрдеата ќе не угуши. Сега оние што го креираа проблемот со Бугарија и ни ја пишуваа историјата, нудат решение: поточно не нудат, не обезличуваат одвнатре за надвор. Оние што милуваат да се нарекуваат „државотворни“ станаа манипулативна алатка за успешноста на социјалниот инжињеринг за промена на името на државата и нејзината историја. А без име и историја се руши концептот за македонскиот идентитет. Стануваме недефиниран народ на дефинирана територија.

Очигледно Македонија полека ја губи историската поткрепа на нашето постоење. Ликовите од комунизмот и нивните наследници се фатени во орото за погребување на  националната држава на македонскиот народ. Го нема тапанот и зурлите, но тука се звуците на одата на радоста  на Европската Унија и боите на виножитото. Секако, тука ќе биде и неизбежната Цеца. Сепак Белград тешко се преболува.

Со ова полека добива смисла изјавата на Пјер Мороа, француски премиер од деведесетите години на минатиот век, кој „дипломатски“ ни укажа дека „секое племе не може да има држава“. И, да прашам: каде е тука „државотворноста“ на бившите комунисти сега? Неспособни да одржат функционална современа нација држава, не сведоа на племе? Триесет години живееме со нивните измами, манипулации и лаги. Живееме во нивниот имагиниран свет кој го креираа за нас. За конечно, такви како Малески да ме просветлат. Дека сме биле неосвестени бугари. Што ти е синдромот на мал и безначаен човек. За жал не е сам. Многумина се такви.

Кога ништо не си создал во животот лесно распродаваш. Тоа е таа сурова фарса што ни ја приредија сегашниве политички марионети. И нивните комунистички мецени. Кои еволуираа. Од славомакедонци во Бугари.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.