Нацрт заклучоци на ЕУ за почеток на преговори со Македонија и Албанија

МИА го објавува последниот нацрт заклучок на Советот на ЕУ кој треба да биде усвоен утре: ЕУ одлучува да започне преговори со Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Текстот на заклучоците, кои можат да претрпат мали промени по министерскиот состанок кој ќе се одржи утре, гласи: „откако го разгледа извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија од 2 март 2020, Советот го поздравува тоа што земјата покажа одлучност во напредокот на ЕУ агендата и испорача опипливи и одржливи резултати“.

-Со оглед на остварениот напредок и исполнувањето на условите поставени едногласно од Советот во јуни 2018, Советот одлучува да отвори преговори со Република Северна Македонија, се вели во текстот.

Одлуката треба да биде политички потврдена на Европскиот Совет в четврток.

Нацрт заклучокот предвидува првата Меѓувладина конференција да се одржи “што е можно поскоро“, без конкретен датум засега.

Советот нотира дека Европската Комисија ќе ја започне веднаш подготвителната работа, што подразбира поставување на преговарачка рамка.

Албанија, од своја страна, има сличен заклучок, но со неколку услови повеќе за одржувањето на првата Меѓувладина конференција.

Министрите утре најверојатно ќе одржат видеоконференција поради пандемијата на Ковид-19, процедурално тоа може да го забави конечното носење на одлуката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.