Нацрт законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи објавен на ЕНЕР

Заради усогласување со ЕУ Директивата 2019/1937 и надминување на недостатоците во Законот за заштита на укажувачи подготвен е Нацрт-закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи Нацрт-законот за заштитено пријавување и заштита на укажувачи е објавен на ЕНЕР заради спроведување на јавната консултација, информираат од Министерството за правда.

-Ве повикуваме да учествувате во процесот и до 24 декември 2023 година до Министерството за правда (адреса за е-пошта: mpsorabotka@mjustice.gov.mk) да доставите коментари и предлози за подобрување на текстот кој како предлог на закон се превидува да се достави до Владата, се вели во соопштението од МП.

Нацрт-законот содржи одредби за надминување на идентификувани недостатоци кои придонесуваат за незадоволителна примена на Законот за заштита на укажувачи.

Од Министерството за правда, посочуваат дека со него е предвиден широк персонален опфат и материјален опфат на заштитеното пријавување, се проширува и опфатот на лица со право да бараат заштита од одмазда (поради обид или извршено заштитено пријавување или укажување), а се рационализира опфатот на субјектите во јавниот и приватниот сектор за кои се предвидува обврска да воспостават канал за заштитено внатрешно пријавување.

Законот, како што информираат, содржи одредби за обезбедување пристапност и достапност на заштитеното пријавување, со пристап заснован на човековите права. – Покрај тоа, вградени се одредби за обезбедување непреченост и независност во работата на овластените лица за прием на пријави од укажувачи и за уредување на постапувањето по примените пријави од укажувачи, како и и одредби за ефективен надзор и редовна оценка на спроведувањето на законот, за да се следи остварувањето на неговите цели – заштита на јавниот интерес, преку овозможување, олеснување и охрабрување на заштитеното пријавување, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.